Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на МЕП Муртезани на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда

Учество на МЕП Муртезани на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, учествуваше на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда што денес се одржа во Клубот на пратеници во Скопје. Во своето обраќање министерот Муртезани нагласи дека климатската и еколошката правда се стратешки приоритет за Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Особено го истакна влијанието на климатските ризици врз ранливите групи, значењето на Националниот енергетски и климатски план, потребата од регионална соработка, улогата на Архуската конвенција во зголемување на транспарентноста и важноста на Акцискиот план за еколошка правда. Муртезани порача дека земјата сака да биде активен придонесувач кон регионалната и европската зелена трансформација.
 
Во продолжение интегралниот текст на обраќањето на MEP Муртезани:
 
Климатската и еколошката правда станаа теми што го дефинираат темпото на современата европска политика, но уште поважно, го дефинираат темпото на секојдневниот живот на нашите граѓани. Најранливите категории како руралните домаќинства, работниците во индустрии во транзиција, младите, постарите лица; веќе ги чувствуваат последиците од загадувањето, екстремните временски услови и деградацијата на екосистемите. Ова не е само еколошко
 
прашање. Ова е прашање на еднаквост, пристап до здравје, економска стабилност и доверба во институциите. Токму затоа климатското дејствување е дел од европската перспектива и дел од развојната визија на Северна Македонија.
 
Во изминатиот период вложивме сериозни напори да ја вградиме климатската политика во стратешките документи. Новиот Национален енергетски и климатски план го приближува нашето енергетско планирање кон европскиот модел, каде што намалувањето на емисиите, интеграцијата на обновливите извори и енергетската ефикасност се третираат како меѓусебно поврзани цели. Анализата за климатска адаптација во земјоделството е уште еден важен чекор, бидејќи го зајакнува капацитетот на сектор кој е директно изложен на климатските ризици. Паралелно со тоа, институциите веќе работат на систематизирање зелени работни места и нови квалификации што ќе ја поддржат транзицијата, со што ја отвораат вратата за нови професионални можности, особено за младите.
 
Во доменот на транспарентноста и учеството, механизмите на Архуската конвенција сè повеќе се користат од јавноста, а Министерството за животна средина обработи значителен број барања за пристап до информации. Ова покажува дека граѓаните имаат сè поголема желба да бидат дел од процесот и дека довербата во институциите расте кога информациите се достапни. Овие принципи се основа на европската политика, бидејќи без активно учество на јавноста нема ниту одржливо спроведување на реформите, ниту праведна транзиција. Најавените измени во Законот за слободен пристап до информации исто така ќе придонесат кон поефикасен и поусогласен систем што ќе ја зајакне отчетноста.
 
Клучно е да разбереме дека климатските и еколошките прашања не се изолирани на национално ниво. Нашите реки, нашата природа, како и нашиот воздух, ги делиме со регионот. Затоа Зелената агенда за Западен Балкан, инструментите како IPA III и рамките на Енергетската заедница се можност за вистинска регионална конвергенција. Нашата цел не е само да ги исполниме европските барања, туку и да учествуваме во создавање регионален стандард што ќе придонесе за стабилност, економска конкурентност и подобро здравје за граѓаните. Овој пристап е суштината на европската идеја за солидарност и заеднички напор, бидејќи климатските ризици не ги признаваат државните граници.
 
Оваа тркалезна маса, како продолжение на анализите и работните групи организирани во пресрет на денешниот настан, ни овозможува да ги сумираме националните приоритети на начин што ќе ни помогне при изработката на Акцискиот план за еколошка правда. Процесот што го водат експертите, институциите и граѓанските организации е важен, бидејќи го гради мостот меѓу европските стандарди и реалните потреби на нашите заедници. Овие приоритети треба да ја насочат земјата кон поефикасна превенција, подобро спроведување на политиките и поголема климатска отпорност.
 
Затоа денес не разговараме само за исполнување стандарди, туку за создавање визија која ќе ја насочи Северна Македонија кон современа, здрава и правична климатска иднина. Верувам дека со отворена дискусија, со партнерство и со јасна амбиција, можеме да бидеме држава која не само што се приближува кон ЕУ, туку активно придонесува кон европското климатско и еколошко лидерство во нашиот регион.

Мени за пристапност