Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Северна Македонија.
Во своето излагање министрот Муртезани истакна дека новиот Годишен извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.
Муртезани посочи дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.
Во продолжение следи интегралното обраќање на министерот Муртезани:
Почитувана Претседателке на Република Северна Македонија,Почитуван евроамбасадоре, почитувани претседатели на КЕП и НСЕИ, дами и господа,На оваа заедничка седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции повторно се потврдува она што со години е основата на нашата европска перспектива, а тоа е уверувањето дека европската интеграција не претставува само технички или административен процес, туку долгорочен државен напор што се темели на визија, институционална зрелост и политичка истрајност. Овие две тела, секое во својата надлежност, создаваат простор во кој европската агенда добива демократска тежина, парламентарна видливост и вклученост на различните политички и општествени гласови. Токму затоа ми причинува особено задоволство што денес, обединети во заедничка дискусија, ќе имаме можност повторно да гиповрземе различните политички перспективи со заедничката стратешка определба која ја води Северна Македонија кон Европската Унија.Секој нов извештај на Европската комисија е можност да се погледнеме себеси низ аналитичка и објективна европска призма. Овогодинешниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија ни дава јасен пресек меѓу она што реално е постигнато и она што очекувано треба да се засили. Тој претставува потсетување дека европската интеграција е процес што бара континуитет, институционална дисциплина и политичка зрелост за да може трајно да се преточи во резултати видливи за граѓаните. Оваа Влада влезе во процесот со таква определба, со јасна волја да го засили темпото на реформите.Во проценката на Европската комисија може да се забележи повеќеслојна слика. Од една страна, подготвеноста на државата е оценета како стабилна и на задоволително, па дури и добро ниво, со постепено подобрување во споредба со претходните години. Во повеќе области, меѓу кои статистиката, царината, слободното движење на капитал, дел од економските критериуми, информатичкото општество и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Северна Македонија покажува квалитет кој ја става меѓу најподготвените земји кандидати во регионот. Тоа е резултат на континуитет во институциите, како и на засилената реформска насоченост на оваа Влада, особено во делот на дигитализацијата и економските политики. Од друга страна, динамиката на напредокот и понатаму останува умерена и недоволна во клучните области, што укажува дека нашата подготвеност не секогаш се претвора во резултати со потребната брзина. Ние, како Министерство за европски прашања, според нашата долгогодишна методологија, согледуваме дека значителен дел од препораките што Европската комисија ги дава се повторуваат низ повеќе последователни извештаи, а дел од нив се опфатени и во Реформската агенда што е јасен сигнал дека токму овие сегменти бараат поцврста политичка и институционална мобилизација, но и консензус особено при носењето на законодавството.Најјасно тоа се гледа во областа на владеењето на правото. Европската комисија нотира дека започнаа процесите за спроведување на Стратегијата за правосудството и дека се преземаат чекори во согласност со патоказите, но истовремено укажува дека напредокот е ограничен. Независноста и ефикасноста на правосудството, кадровските капацитети, функционалноста на системите како АКМИС, како и борбата против корупцијата на високо ниво, остануваат чувствителни прашања кои не трпат пролонгирање. Токму затоа оваа Влада постави јасен приоритет да го забрза донесувањето на Кривичниот законик во согласност со европските стандарди, да го зајакне институционалниот капацитет на обвинителствата и судовите, да овозможи реални услови за проактивно делување на Државната комисија за спречување на корупцијата и да осигура дека борбата против системските слабости добива конкретен исход. Реформите во правосудството не се ни технички ни политички потфат. Тие се темелот врз кој стои европската перспектива, мерка за легитимитет пред граѓаните и клучен критериум во процесот на отворање и затворање на кластерите и поглавјата.Реформската оценка е комплексна и покажува истовремено и постигнувања и предизвици. Во повеќе области се постигнати резултати што ја потврдуваат способноста на државата да напредува кога реформите се водат со јасна цел. Напредокот во дигитализацијата, усвојувањето на законите за електронска идентификација и дигиталниот паричник, новите решенија за административните службеници и вработените во јавниот сектор, како и започнатата реорганизација на органите на државната управа покажуваат дека нашите политики се движат во согласност со Реформската агенда 2024-2027. Исто така, стабилноста на меѓуетничките односи, конструктивната улога на Собранието со новиот деловник и високото ниво на усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија ја зајакнуваат сликата за Северна Македонија како сигурен партнер. Ова се важни елементи што ја потврдуваат тезата дека државата има капацитет да постигнува резултати и дека оваа Влада има јасна определба да ги засили токму оние процеси што најмногу ја доближуваат земјата до европските стандарди.Затоа, наместо да гледаме на Извештајот само како на анализа на досегашната работа, треба да го читаме како повик за поамбициозна реализација во следниот период. Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст веќе претставуваат детална архитектура на реформите. Нашата задача, како Влада, како Собрание и како институции, е таа архитектура да добие јасен ритам и видлива динамика. Завршувањето на изборниот циклус создава услови за континуирано и насочено делување. Оваа Влада не е тука да ја прифаќа стагнацијата како даденост, туку да ја надмине врз основа на експертиза, консензус и отчетност. Целта е во следниот извештај да не констатираме повторување на препораките, туку исполнување на реформите. Тоа бара трпение, но и решителност. Бара институционален интегритет, но и политичка зрелост. Бара, пред сè, заедничка визија за Северна Македонија како држава што не чекори кон Европа, туку созрева како рамноправен, подготвен и кредибилен европски партнер.Благодарам.