Европска комисија
Европската комисија е извршно тело на Европската Унија. Европската комисија е одговорна за предлагање на закони, следење на спроведувањето на законодавството на ЕУ и управување со ЕУ политиките, како и спроведување на одлуките на Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Составена е од 27 ЕУ Комесари (еден од секоја земја членка) и лоцирана со седиште во Брисел. Секоја земја членка номинира Комесар кои ги одобрува Европскиот парламент. ЕУ Комесарите не ја претставуваат сопствената земја, напротив имаат одредена област/политика која ја застапуваат. Парламентот исто така мора да го одобри Претседателот на Европската комисија. Претседателка на Европската комисија е Ursula von der Leyen.
Европската комисија предлага нови закони, ги штити интересите на ЕУ и граѓаните на ЕУ за проблеми кои не можат ефикасно да се решат на национално ниво, обезбедува технички детали во консултација со експерти и јавноста, управува со ЕУ политиките и алоцирањето на ЕУ финанските средства, ги поставува приоритетите за трошење на Европската Унија заедно со Советот и Парламентот, изготвува годишни буџети кои ги одобрува Парламентот и Советот, врши надзор во однос на трошењето на финансиските средства, под надзор на Судот на ревизори, го спроведува законодавството на ЕУ, заедно со Европскиот суд на правда го следи спроведувањето на законодавството на ЕУ во сите земји членки. Европската комисија ја претставува Европската Унија и во меѓународни рамки говорејќи во името на сите земји членки во рамки на меѓународните тела, особено во областите на трговската политика и хуманитарната помош и преговара меѓународни договори на ЕУ.
Европски совет
Европскиот совет го сочинуваат шефови на влади на земјите членки на ЕУ, Претседателот на Европскиот совет (Charles Michel) и Претседателот на Европската комисија (Ursula von der Leyen). Европскиот совет ги утврдува политиките и приоритетите на ЕУ. Не носи закони и е посебна институција од Советот на Европската Унија. Европскиот Совет има голем број функции:
- Одлучува за насочување на политиката и политиките на ЕУ;
- Утврдува надворешна и безбедносна политика на ЕУ;
- Номинира и назначува битни улоги во ЕУ
- Формална улога во однос на Европскиот семестар на ЕУ.
Европскиот совет нема овластување да носи закони, но може да побара од Европската комисија да предложи закони. Советот се состанува најмалку четири пати годишно. Европскиот совет главно одлучува со консензус. Во одредени специфични случаи наведени во Договорите на ЕУ, одлучува едногласно или со квалификувано мнозинство. Доколку се гласа, во постапката не учествуваат Претседателот на Европскиот совет и Претседателот на Европската комисија.
Совет на Европската Унија
Во рамки на Советот на Европската Унија, неформално познат и како Советот, владините министри од секоја земја членка на ЕУ се состануваат за да разговараат, во однос на измена и усвојување на закони, како и координација на ЕУ политики. Министрите имаат овластување да ги задолжат своите влади да постапат по она што е договорено во рамки на работните сесии на Советот. Заедно со Европскиот парламент, Советот е клучно тело кое одговорно за носење одлуки на ниво на Европската Унија. Претседателството на Советот се ротира на секои шест месеци.
Советот е правно лице иако членовите не се постојани. Составот на владините министри во Советот зависи од видот на законите или политиките за кои се покренува дискусија во рамки на работните сесии. На пример, ако се разгледува измена на закони/законодавство за областа на земјоделство на ниво на ЕУ, Советот ќе биде составен од министри одговорни за политиката на земјоделие на секоја земја членка (совет на министри).
Да не се меша со:
- Европски совет - квартални самити, каде што лидерите на ЕУ се состануваат за да утврдат поширока насока/рамка на креирање на политики на ЕУ
- Совет на Европа не е тело на ЕУ
Советот на Евроспка Унија преговара и усвојува закони на ЕУ заедно со Европскиот парламент, врз основа на предлог на Европската комисија, ги координира политиките на земјите членки на ЕУ, ја развива надворешната и безбедносна политика на ЕУ, врз основа на упатства на Европскиот совет, склучува договори помеѓу Европската Унија и други земји или меѓународни организации, го усвојува годишниот буџет на Европската Унија заедно со Европскиот парламент.
Европски парламент
Европскиот парламент е парламентарно тело, додека заедно со Советот на Европската Унија го формираат највисокиот законодавен дом во рамките на ЕУ. Парламентот директно се избира од гласачите на Европската Унија на секои пет години. Последните избори во рамки на ЕУ се спроведени во мај 2019 година. Европскиот парламент е дел од законодавниот процес или процесот на подготовка на законодавството на ЕУ. Предложените закони мора да бидат одобрени од Европскиот парламент и Советот на Европската Унија за да станат дел од актуелното законодавство на ЕУ. Бројот на европратеници за секоја земја е приближно пропорционален на нејзиното население, но ова е според дегресивна пропорционалност: ниту една земја не може да има помалку од 6 или повеќе од 96 европратеници, додека вкупниот број не може да надмине 705 (704 плус претседателот). Европратениците се групирани според политичка припадност, а не според националност.
Европскиот парламент е со седиште во Брисел, Луксембург и Стразбур и има три главни улоги:
- Законодавна: заедно со Советот на Европската Унија донесува закони на ЕУ врз основа на предлози на Европската комисија, одлучува за меѓународни договори, одлучува за прашањето на проширување, ја разгледува програмата за работа на Комисијата и бара предлагање на законодавство.
- Надзорна: врши демократски надзор над сите институции на ЕУ, избор на Претседател на Комисијата и одобрување на Комисијата како тело. Можност за гласање на предлог-цензус, обврзување на Комисијата да даде оставка, одобрување на начинот на трошење на буџетите на ЕУ, разгледува петиции поднесени од граѓаните на ЕУ и поведување на истраги, дискутира за монетарната политика со Европската централна банка, со можност за испрашување на Комисијата и Советот, набљудување на изборите.
- Буџет: утврдување на буџетот на ЕУ, заедно со Советот го одобрува долгорочниот буџет на ЕУ, т.н „Повеќегодишна финансиска рамка“
Европски суд на правдата (ЕСП)
Европскиот суд на правдата (ЕСП) е судска институција на Европската Унија. Судот во согласност со законот, обезбедува толкување и примена на европските договори, понатаму го толкува правото на ЕУ за да обезбеди подеднаква примена во земјите членки и ги решава правните спорови помеѓу националните влади и институциите на ЕУ. Во одредени околности, може да се користи од страна на поединци, компании или организации за поведување постапка против институција на ЕУ, доколку сметаат дека таа ги повредила нивните права.
Европскиот суд на правдата изрекува пресуди за покренати предмети. Најчести судски предмети се:
- толкување на законот (прелиминарни пресуди) - од националните судови на земјите членки се бара да обезбедат правилна примена на правото на ЕУ, но судовите во земји членки може да имаат различно толкување. Доколку национален суд се сомнева во толкувањето или валидноста на законот/легислативата, тој може да побара појаснување од Судот. Истиот механизам може да се користи за да се утврди дали националното законодавство или практика е компатибилно со законодавството на ЕУ.
- спроведување на законот (постапка за повреда) - овие случаи се покренуваат и водат против национална влада за непочитување на спроведувањето на ЕУ законодавството. Можат да бидат покренати од страна на Европската комисија или друга земја членка на ЕУ. Доколку се утврди дека земјата членка е виновна, таа мора да ги коригира работите веднаш или да ризикува да биде поведен втор спор против неа, што може да резултира со парична казна.
- поништување на правните акти на ЕУ (дејствија за поништување) - ако се смета дека со акт на ЕУ се повредуваат договорите на ЕУ или основните права, Судот може да се побара да ги поништи - од страна на влада на ЕУ, Советот на Европската Унија, Европската комисија или (во некои случаи) Европскиот парламент.
Физички лица исто така можат да побараат од Судот да поништи акт на Европската Унија што директно ги засега.
- обезбедува дека Европската Унија презема активности или дејствија (активности за непостапување) при што Парламентот, Советот и Комисијата мора да донесат одредени одлуки под одредени околности. Ако не го сторат тоа, владите на ЕУ, другите институции на ЕУ или (под одредени услови) поединци или компании можат да се жалат до Судот.
- санкционирање на институциите на ЕУ (постапки за отштета) каде секое лице или компанија чии права или интереси се повредени како резултат на дејствие или неактивност на Европската Унија или нејзиниот персонал може да покрене дејствие/постапка против истите ентитети, преку Судот.
Европскиот суд на правдата го сочинуваат:
- Суд на правдата кој постапува по барања за прелиминарни пресуди од националните судови, одредени активности/дејствија за поништување и жалби.
- Општ суд кој постапува по дејствија/барања за поништување покренати од поединци, компании и во некои случаи, влади на ЕУ. Во пракса, значи дека судот приоритетно се справува со предмети врзани за закон за конкуренција, државна помош, трговија, земјоделство и трговски марки.
Секој судија и застапник е назначен за шест годишен мандат кој може да се обнови заеднички од националните влади. Во секој суд, судиите избираат претседател кој служи со обновување на мандат од три години, со можност за обновување.
Европска централна банка (ЕЦБ)
Европската централна банка (ЕЦБ) управува со еврото и ја спроведува економската и монетарната политика на ЕУ. Нејзина главна цел е да ги одржи цените стабилни, а со тоа да го поддржи економскиот раст и создавањето на нови работни места.
Европската централна банка (ЕЦБ) ги утврдува каматните стапки по кои им позајмува кредити на деловните банки во еврозоната, со што ги контролира понудата на пари и инфлацијата, управува со девизните резерви на еврозоната и купување или продажба на валути за да се балансираат девизните курсеви, гарантира дека финансискиот пазар и институциите се добро надгледувани од националните власти и дека платните системи работат добро и одговорно, гарантира безбедност и одржливост на европскиот банкарски систем, одобрува издавање на евробанкноти во еврозоната, ги следи трендовите и динамиката на цените и проценува ризици за стабилност на цените.
Претседателот на Европската централна банка ја претставува банката во рамки на ЕУ и меѓународни состаноци на високо ниво. Европската централна банка се состои од три тела кои донесуваат одлуки, како: Управен совет како главно одговорно тело за донесување на одлуки, Извршен одбор кој се справува со секојдневното работење на Европската централна банка и Генерален совет кој има повеќе советодавна и координативна улога.