Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков е во работна посета на Брисел. Синоќа, на тркалезната маса организирана со учесници на високо ниво од Фондацијата Кондрад Аденауер- Канцеларија за Европа во Брисел, заменик-министерката Трајков истакна дека проширувањето на Европската Унија денес претставува геополитичка неопходност и еден од најважните стратешки инструменти на Унијата.
,,За Северна Македонија европската интеграција останува највисок стратешки приоритет, а Реформската агенда е во срцето на владините политики. Реформите во владеењето на правото, јавната администрација, економското управување, дигиталната трансформација и институционалната транспарентност се инвестиција во иднината на државата и во подобри услови за граѓаните” истакна Трајков.
Заменик-министерката за европски прашања подвлече дека процесот на проширување мора да остане кредибилен, заснован на заслуги и предвидлив, при што и кандидатките земји и Европската Унија треба доследно да ги исполнуваат своите обврски.
Според неа, стабилен, демократски и просперитетен Западен Балкан значи посилна и побезбедна Европска Унија.
На настанот свои видувања имаа и државниот министер за Европа во Сојузното министерство за надворешни работи на Германија, Гинтер Крихбаум и германскиот европратеник Михаел Гахлер и член на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот.
Трајков потсети дека Северна Македонија е сигурен сојузник во НАТО, целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и посветена на регионалната стабилност и добрососедските односи.
Со учеството во Брисел, Северна Македонија уште еднаш ја потврди својата стратешка ориентација кон полноправно членство во Европската Унија и подготвеноста да придонесе кон заедничката европска иднина.