Заменик-министерката за европски прашања, проф.д-р Викторија Трајков денеска зборуваше на значајна конференција „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ-Патоказ за Северна Македонија“. Конференцијата ја организира токму Министерството за европски прашања во соработка со UNWomen. Целта е да се засилат напорите за целосно интегрирање на родовата перспектива во нашиот евроинтеграциски процес.
Заменик-министерката за европски прашања пред присутните порача дека родовата еднаквост не треба да остане само на хартија. Повикот за акција рече дека треба да биде инициран од секој од нас, а институциите да се погрижат за конкретна имплементација на законските обврски и задачите кои треба да ги исполниме.
,,Жените треба да ги има се повеќе и на лидерските позиции, на местата каде се носат одлуки и се кројат политики. Нивниот глас треба да се слуша, а тие самите да се повидливи и позастапени. Родовата еднаквост не е само прашање на правичност, туку и темелна вредност на едно модерно и демократско општество. Кога жените и мажите имаат еднакви можности да работат, да создаваат и да бидат активни во одлучувањето, тогаш целото општество е посилно и поуспешно” порача Трајков.
Пред високите гости и претставници на европските институции, заменик-министерката за европски прашања рече дека во време кога земјава чекори кон ЕУ, обврската е уште поголема – да изградиме систем кој реално, во пракса ги почитува правата на жените, го цени нивниот труд и им овозможува подеднакво да придонесуваат во економијата, политиката и заедницата.
,,За да стигнеме таму потребни се храбри политики, функционални институции и активно учество на сите – државата, приватниот сектор, граѓанските организации и секој поединец. Родовата еднаквост е инвестиција во иднината за која вреди да се бориме — за посилни институции, посреќни семејства и правда за сите”потенцираше Трајков.
Заменик-министерката рече дека ништо не е недостижно доколку се има волја да се постигне. Ако сите ние делуваме заедно и здружено, тогаш и резултатите ќе бидат видливи и мерливи, бидејќи Северна Македонија нема друг избор освен да продолжи по патот на евроинтеграциите, да ги зајакнеме нашите инстутиции и да ги претвориме предизвиците во можности.