Министерството за европски прашања го започна процесот на подготовка на новата Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА) за периодот 2027–2030, како клучен стратешки и оперативен документ за планирање и следење на реформските обврски поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ.
Прв циклус работилници
Првата фаза од процесот се спроведува преку четири практични работилници (одржани во периодот 21 - 24 септември 2026), организирани по преговарачки поглавја и тематски области. Во работилниците учествуваат претставници на надлежните институции и работните групи за НПАА.
Фокусот е на директна работа на институциите на нивните придонеси кон новата НПАА – ажурирање на реформските приоритети и обврски, дефинирање на мерките, одговорните институции и роковите, како и идентификување на прашањата кои бараат дополнителна меѓуинституционална координација.
Со денешната, четврта работилница се заокружува првата фаза од процесот, во која се опфатени сите преговарачки поглавја и тематски области.
Следни фази
По завршувањето на првиот циклус, Министерството и надлежните институции ќе продолжат со обработка и консолидација на добиените придонеси.
Втората фаза, планирана кон крајот на октомври, ќе биде насочена кон понатамошна консолидација и усогласување на придонесите на институциите.
Третата и завршна фаза, планирана кон крајот на ноември, ќе биде насочена кон финализирање на НПАА и подготовка на документот за понатамошната постапка за усвојување.
Поддршка
Процесот е поддржан преку Проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од UNOPS и финансиран од Шведска, Швајцарија и Министерството за европски прашања, во соработка со проектот SUPRAE – „Поддршка за реформи на политиките, пристапување и ефективност“, финансиран од Европската Унија.
Експертската поддршка за процесот на ревизија на НПАА ја обезбедува Цветанка Кузмановска, UNOPS експерт за НПАА.