Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше и се обрати на отворањето на МБТ конференцијата 2026, која се одржува во Скопје и претставува еден од најзначајните регионални настани во областа на радиодифузијата и телекомуникациите.
Во своето обраќање, министерот Сали истакна дека дигиталната трансформација и европската интеграција се меѓусебно поврзани процеси, нагласувајќи дека модерната инфраструктура, безбедните комуникациски системи и технолошките иновации се суштински дел од демократскиот и економскиот развој на државата.
Тој ја потенцираше важноста на регионалната соработка и размената на експертиза во период кога дигиталните предизвици, сајбер безбедноста и одржливоста на критичната инфраструктура стануваат сè позначајни и во рамки на Европската Унија.
„Технологијата нема граници, а предизвиците со кои се соочуваме бараат заеднички решенија и силни регионални и европски партнерства“, истакна Сали.
МБТ конференцијата 2026 обединува претставници на институции, радиодифузни компании, меѓународни експерти и водечки технолошки компании, при што се обработуваат актуелни теми како 5G Broadcast, вештачка интелигенција, cloud технологии, quantum-safe мрежи и енергетска ефикасност во современите комуникациски системи.