Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на 68-та седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на Република Северна Македонија, на која во прво читање беше разгледан Предлог-законот за правична и соодветна застапеност.
Во текот на дискусијата беше истакнато дека начелото на правична и соодветна застапеност е уставна вредност која произлегува од Охридскиот рамковен договор и претставува еден од темелите на мултиетничкиот карактер на државата.
Законот за првпат го уредува ова прашање на целосен и системски начин, издигнувајќи ја правичната и соодветната застапеност на законско ниво. Со ова решение се воспоставува јасна институционална рамка, заснована на реални податоци, конкретни потреби на институциите и ефикасни механизми за следење на спроведувањето.
Предлог-законот предвидува правичната и соодветната застапеност да биде законска обврска за јавните институции, обезбедувајќи еднаков третман за сите заедници и гарантирајќи почитување на принципите на еднаквост, инклузивност и еднакви можности.
Дополнително, законот предвидува механизми за следење на неговото спроведување, заштита на правото на слободно самоизјаснување и спречување на злоупотреби, со цел зајакнување на довербата во јавните институции и унапредување на општествената кохезија.
Владата останува посветена на градење професионални, ефикасни и инклузивни институции, во согласност со уставните вредности и европските стандарди.