Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работна средба со Управниот одбор на Стопанската комора

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работна средба со Управниот одбор на Стопанската комора
Европската интеграција не е само политички процес, туку конкретна економска трансформација што се мери преку инвестиции и реални резултати, беше истакнато на денешниот настан со претставници на бизнис-заедницата.
 
Во овој момент, Северна Македонија располага со над 1,3 милијарди евра европска поддршка, од кои над 600 милиони евра преку ИПА III и околу 750 милиони евра преку Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027. Само преку ИПА инструментот, за периодот 2021–2024 се мобилизирани над 460 милиони евра, со вкупна поддршка што надминува 625 милиони евра.
 
Овие средства веќе даваат конкретни резултати, со инвестиции од 93 милиони евра во транспортна инфраструктура, 89 милиони евра во животната средина и 49 милиони евра во вработување и социјални политики. Дополнително, обезбедени се над 100 милиони евра за земјоделство преку ИПАРД, 25 милиони евра за зелени инвестиции и над 9 милиони евра поддршка за мали и средни претпријатија.
 
Сепак, средствата се директно поврзани со реализацијата на реформите. Од вкупно 44 реформски чекори, 21 се веќе поврзани со исплата од над 92 милиони евра, додека дел од нив се наоѓаат во грејс период, што укажува на реален ризик од доцнење.
 
Во регионален контекст, конкуренцијата е силна, со значително повисоки инвестиции во земјите од регионот, додека економијата на Северна Македонија останува на околу 40% од просекот на Европската Унија.
 
Реформската агенда е насочена кон подобрување на деловната клима, намалување на административните процедури, сузбивање на неформалната економија, подобрување на пристапот до финансии и зајакнување на конкурентноста.
 
Пораката е јасна: државите што побрзо испорачуваат реформи обезбедуваат повеќе средства и подобра позиција во процесот на интеграција.
 
Во овој процес, приватниот сектор има клучна улога, особено ако се има предвид дека над 75% од извозот е кон Европската Унија. Европските фондови претставуваат важна алатка за инвестиции, технолошки развој и интеграција во европските синџири на вредност.
 
Крајната цел не е само членство во Европската Унија, туку изградба на конкурентна економија која ќе достигне европски стандарди во продуктивност и инвестиции.

Мени за пристапност