Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Муртезани на прес-конференција со финскиот министер Странд: „Иднината на нашите односи ја градиме врз доверба и европски вредности“

Муртезани на прес-конференција со финскиот министер Странд: „Иднината на нашите односи ја градиме врз доверба и европски вредности“
Во рамки на работната посета на министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд, по тет-а тет и пленарните средби во Министерството за европски прашања на Република Северна Македонија беше одржана заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
 
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на континуитетот на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Финска, потенцирајќи дека денешната средба претставува надградба на разговорите што ги имаше за време на неговата работна посета на Хелсинки минатиот ноември. Тој оцени дека односите меѓу двете земји се темелат на доверба, пријателство и заеднички европски вредности, што ја зајакнува нивната улога во креирањето на европската агенда за регионот.
 
Тој изрази искрена благодарност за доследната и принципиелна поддршка на Финска, оценувајќи дека таа останува меѓу најгласните поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија. Во оваа насока, министерот се осврна на реализираните твининг проекти со фински институции и на подготвеноста за нивно продлабочување во областа на јавната администрација, медиумите и дигиталната трансформација.
 
Во продолжение, интегралното обраќање на министерот Муртезани:
 
Почитуван министер Странд, почитувани претставници на медиумите,
 
Ми претставува особена чест и задоволство денеска да бидам домаќин на мојот колега и пријател, министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд. Денешните разговори претставуваат продолжение на искрениот дијалог што го започнавме минатиот ноември кога бев во работна посета на Хелсинки, а денеска го надградуваме овде, во Скопје. Тоа е доказ дека нашите односи имаат динамика и континуитет - но уште поважно, имаат иднина што ја градиме врз доверба и заеднички европски вредности.
 
На денешните средби се осврнавме на клучните теми за иднината на Северна Македонија и регионот. Го информирав министерот Странд за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој не го гледаме само како финансиски инструмент, туку како стратегија што ја приближува нашата економија и институции до европските стандарди уште пред формалното членство. Со усвојувањето на Реформската агенда, ние како Влада се обврзавме на темелни промени во владеењето на правото, ефикасноста на јавната администрација, дигитализацијата и енергетската отпорност. Тоа не се апстрактни поими, туку конкретни чекори што ќе донесат подобар квалитет на живот за граѓаните.
 
Искрено сум благодарен за принципиелната и доследна поддршка што Финска ѝ ја дава на Северна Македонија. Тоа е земја која не само што ги брани европските вредности, туку и ги живее преку својата силна демократија, владеење на правото, посветеност на образованието и социјалната еднаквост. Финска денес е членка на НАТО, со што ја потврдува својата улога како одговорен безбедносен актер, но и останува препознатлива како лидер во иновациите, дигитализацијата и зелената транзиција. Тие искуства се од исклучително значење и за нашиот пат кон Европската Унија.
 
Високо ја цениме улогата на финските експерти во реализираните твининг проекти и подготвеноста оваа соработка да се прошири во нови области како дигиталната трансформација, медиумите и иновациите. Финска, како глобален пример за знаење и одржлив развој, ни нуди можност за унапредување на институциите и за продлабочување на врските меѓу нашите општества. Со министерот и двете делегации констатиравме дека процесот на проширување е повеќе од техничка постапка. Tоа е стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот континент. Особено ја цениме позицијата на Финска, јавно и доследно изразена, дека проширувањето мора да се темели на заслуги и дека придобивките од интеграцијата се заеднички - и за земјите-кандидати и за самата Унија.
 
Почитуван колега Странд, драг Јоаким, Ви благодарам за вашата посета и за искрениот и содржаен разговор што го имавме. Вашето присуство овде е порака на пријателство и доверба, но и потврда дека Северна Македонија има сојузници и партнери кои ја поддржуваат нејзината европска иднина.

Мени за пристапност