Видео инсерти од обраќањето: https://www.youtube.com/watch?v=akRS_q7tEyY
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Собранието на Република Северна Македонија, се обрати на Петтата седница на Националниот совет за евроинтеграции, на чиј дневен ред беше презентација на Програмата и приоритетите на Данското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули-декември 2025 година.
Програмата и приоритетите на претседателството со Советот на ЕУ беа презентирани од Перниле Деилер Кардел, амбасадорка на Кралството Данска во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, а на Седницата присуствуваа и членовите на Комисијата за европски прашања, на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија - ЕУ.
Во продолжение следи интегралното обраќање на МЕП Муртезани:
Почитувана амбасадорке Кардел, почитувани пратеници, почитувани членови на Националниот совет за евроинтеграции, на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ,На самиот почеток, би сакал да изразам задоволство што денеска, во домот на демократијата, ќе разговаравме за исклучително значајно прашање: приоритетите на Данското претседателство со Советот на Европската Унија. Кога Европа се менува, нејзината сила се мери преку способноста да остане верна на своите вредности и да се проширува врз нивна основа. Затоа, го поздравувам слоганот на Данското претседателство „Силна Европа во светот што се менува“, како порака што ја надминува реториката и го отсликува вистинскиот дух на моментот во кој се наоѓаме. Со ова мото во следните 6 месеци, Данска не само што нуди визија, туку поставува и одговорна, вредносна и геополитичка агенда.Во време на глобални превирања и сè поголем надворешен притисок врз европските демократии, потребна ни е Европа што стои цврсто во сопствените вредности и што знае да препознае кои региони ѝ се и стратешки и човечки-блиски. Оттаму, особено ја поздравувам јасната определба на Данското претседателство дека „натамошното проширување е геополитичка неопходност“, како што е истакнато на самиот почеток во програмата на нивните приоритети.На неодамнешната средба во МЕП со почитуваната Амбасадорка на Кралството Данска, ја споделивме токму оваа порака - дека Копенхашките критериуми мора повторно да бидат мерилото според кое се мери напредокот. Не билатералните условувања, туку институционалниот капацитет, владеењето на правото, човековите права и демократскиот легитимитет. Данска ја разбира оваа реалност не само како техничка задача, туку како политичка обврска. Затоа, за нас претставува добра вест амбицијата на данското Претседателство да ја подготви Европската Унија за проширување преку внатрешни реформи. Тоа е израз на визионерство, но и на одговорност.Северна Македонија одамна го прифати европскиот систем на вредности како сопствен. И со сите ограничувања, често и со висока политичка цена, ја следи европската патека низ реформи, компромиси и отпорност. Условувања што излегуваат надвор од европското правно наследство. Наметнувања што го поткопуваат кредибилитетот на процесот. Непринципиелните вета и инсистирањето на билатерални прашања како предуслов за отворање на Кластерот „Фундаментални вредности“ не се само неправда, тоа е всушност системски удар врз европската идеја.Република Северна Македонија ќе остане доследен партнер во овие процеси. Ќе продолжиме да го следиме европскиот пат со достоинство, со аргументи и со отвореност за дијалог. Но и со очекување дека и Унијата ќе го препознае моментот да покаже дека нејзините врати не се симболични, туку реални.Во свет што се менува, Европа мора да биде таа што се отвора, а не се затвора. Да води, не да одлага. Да се проширува, не да се повлекува. А за тоа, ѝ треба храброст. И партнерство. Ви благодарам.