Почитуван Премиере, почитувани претставници на медиумите,
Денешната средба претставува уште една можност за суштинска размена на информации и идеи, можност да се погледне напредокот не низ формални извештаи, туку низ еден отворен, критички и професионален дијалог со оние кои имаат привилегија и одговорност да ја информираат јавноста, а тоа сте токму вие, претставниците на медиумите, искрено верувам и наши партнери во овој стратешки процес. Вашето присуство и интерес претставуваат составен дел од реформскиот процес: не како пасивни набљудувачи, туку како неизоставни чинители во изградбата на информирано и одговорно општество.
Овој формат на тематски брифинзи, што го воспоставивме пред речиси една година, се покажа како ефикасен инструмент за следење на континуитетот и доследноста во спроведувањето на Реформската агенда 2024 - 2027. Во октомври минатата година говоревме за нејзиното официјално одобрување; во јули оваа година ги презентиравме првите конкретни резултати. Денес, пак, имаме можност да ја надградиме таа традиција на транспарентност и отчетност, а особено да нагласам дека присуството на Премиерот е доказ дека овој процес не е ограничен на поединечни ресори, туку претставува врвен државен приоритет и интегрален дел од владините политики.
Она што би сакал денес повторно да го истакнам е дека значењето на реформите не се сведува на формално исполнување на чекори и финансиски индикатори, туку се мери низ нивното влијание врз институционалниот капацитет и квалитетот на јавните политики. Суштината на секоја реформска агенда лежи во создавање институции кои функционираат според начелата на транспарентност, предвидливост и отчетност; во економија која е конкурентна и инклузивна и во правен систем кој обезбедува еднаквост пред законот и владеење на правото.
Дозволете накратко да се задржам на фактите кои ја илустрираат динамиката на досегашниот напредок. Во август годинава, Европската комисија го одобри првото ослободување на средства во рамките на Инструментот за реформи и раст. Два чекори беа оценети како успешно исполнети, што претставува 40% реализација според бројот на чекори, односно 50% според нивната финансиска вредност. Преку оваа одлука обезбедивме нето-прилив од над 2,3 милиони евра неповратна поддршка и околу 5,7 милиони евра средства за поддршка на инвестициските проекти, насочени кон економски развој.
На 15 јули, пак, го испративме второто барање за ослободување на средства, кое опфаќа 16 чекори во четири приоритетни области: енергетика, дигитализација, деловна средина и владеење на правото. Од нив, девет се пријавени како целосно исполнети, шест делумно, а еден чекор не е исполнет. Вкупната финансиска тежина на овие мерки изнесува над 70 милиони евра, а во наредните месеци Европската комисија ќе ја даде својата проценка. Важно е, меѓутоа, да се нагласи дека зад овие бројки се крие сериозен институционален труд, интензивна интер-ресорска координација и јасна политичка волја за реализација.
Во исто време, институциите веќе работат на 29 нови чекори со рок на исполнување до крајот на 2025 година, во вредност што надминува 134 милиони евра. Станува збор за широк спектар на реформи: од управувањето со јавните финансии и трансформацијата на јавната администрација, преку енергетската транзиција и заштитата на ранливите потрошувачи, до усогласувањето на правосудното законодавство со европските стандарди. Со други зборови, се гради систем кој постепено ја приближува Северна Македонија до функционалниот модел на европските држави.
Секако, има области каде напредокот е делумен или уште не е постигнат и тоа е дел од секој реформски процес. За тие чекори постои грејс-период и капацитет тие да се реализираат во рамките на поставените временски рокови. Би можеле да одиме потехнички во самите области се разбира, но пред тоа би сакал да потенцирам дека овој процес не го водиме изолирано. Тој е одраз на нашата европска определба, но и на партнерството со Европската комисија, која низ дијалог, мониторинг и проценки ни помага да останеме на вистинскиот пат.
Затоа сметам дека и овој денешен брифинг е порака дека како Влада остануваме цврсто посветени на европската агенда, дека реформите не се формална обврска, туку суштинска алатка за трансформација и дека дијалогот со јавноста и соработката со медиумите, ќе остане клучен столб на нашиот пристап. За крај, ви благодарам уште еднаш што сте дел од овој процес, со критичко око, со разбирање и со отворен дијалог. Ќе продолжиме да бидеме достапни, професионални и отчетни, а сега како не би зборувал само јас, би дал простор доколку имате подетални прашања за да може да ги адресираме заедно со Премиерот и се разбира моите колеги од Министерството за европски прашања.