Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

19-ти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија

Министерство за европски прашања Министерство за европски прашања

19-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската Унија и Северна Македонија (КСА) се одржа во Скопје на 10 февруари 2026 година. Со состанокот ко-претседаваа заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков и Сигрид Бретел, раководител на одделение во ГД ЕНЕСТ за Албанија и Северна Македонија. Воведни обраќања имаа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања Беким Сали и Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во ГД ЕНЕСТ.

Комитетот за стабилизација и асоцијација ги поздрави значајните постигнувања од последниот состанок одржан во 2021 година до сега, вклучително  затворањето на процесот на скрининг и започнувањето на отворачката фаза од процесот на пристапни преговори. Комитетот ја нагласи важноста Северна Македонија да продолжи да се движи во пристапниот процес и да ги спроведува условите утврдени во Заклучоците на Европскиот совет од 2022 година. Комитетот го поздрави напредокот во исполнувањето на одредниците за отворање на кластерот „Фундаментални вредности“: Патоказот за реформа на јавната администрација и Патоказот за владеењето на правото со придружен Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, кои треба да бидат подготвени и финализирани во инклузивен процес.

Комитетот за стабилизација и асоцијација направи преглед на состојбата во однос на политичките и економските критериуми, спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Инструментот за реформи и раст и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и усогласувањето со законодавството на ЕУ. Комитетот ја нагласи важноста од унапредување на ЕУ реформите, особено во делот на фундаментални вредности, препораките од Извештајот на Европската комисија за 2025 година и заклучоците од поткомитетите и Специјалната група за реформа на јавната администрација. Комитетот ја поздрави посветеноста и напредокот на Северна Македонија во Реформската агенда и ја нагласи важноста од адресирање на сите чекори и како посебен приоритет, оние на кои им истекува грејс периодот во јуни 2026 година.

КСА ги повика сите политички партии и национални чинители заеднички да работат на одржување и зајакнување на политичкиот дијалог и ја истакна важноста од адресирање на преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија во однос на изборните реформи. Комитетот охрабри да се продолжи со реформите во клучните области како што се правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и јавната администрација. Комитетот за стабилизација и асоцијација ја нотираше подготовката на нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Тој го препозна напредокот постигнат во сектори како дигитализацијата и укажа на предизвиците во областите на животната средина и климатската заштита.

Комитетот за стабилизација и асоцијација го поздрави континуираното целосно усогласување на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој повтори дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација и дека билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.

Мени за пристапност