Програми на Унијата
Програмите на Унијата (порано познати под името Програми на Заедницата) претставуваат интегриран пакет на активности усвоен од ЕУ, со цел унапредување на соработката помеѓу земјите-членки, и тоа во разни области поврзани со политиките на Унијата, во период од неколку години.
Речиси секоја политикa на ЕУ има соодветна програма на Унијата. Примарна причина за воспоставување на програмите беше приближување на политиките и активностите на Европската унија кон европските граѓани, како и креирање додадена вредност од ЕУ за националните напори на земјите-членки во дадена област. Затоа, на почетокот учеството во програмите беше ограничено на земји-членки. Во програмите можат да учествуваат сите правни субјекти, но, во одредени случаи и физички лица (поединци) од тие држави.
Рамките, буџетите и приоритетите на секоја од програмите се договорени на ниво на Унијата. Притоа, програмите се финансираат од буџетот на Унијата. Висината на буџетот и неговото времетраење (обично 4 - 7 години) ги одредува Европскиот совет. Генерално, не постојат одделни национални квоти за програмите, во смисла на распределбата - средствата се распределуваат по потреба, според зададени приоритети и цели.
Програмите на Унијата ја опфаќаат скоро секоја област на социо-економскиот живот на европските граѓани: образование, култура, млади, медиуми, социјални прашања, развој на МСП, животна средина, транспорт, јавно здравје, правна соработка, борба против насилството, криминал, тероризам, информатичко општество, царина и даноци. Секоја програма има своја интернет-страница, на која се достапни сите информации поврзани со нејзините цели, активности, буџети, повици и досега остварени проекти.
Контакт лице во СЕП :
Сектор за координација на европски фондови и друга странска помош
Оддeление за програмирање на европски фондови
email:
Телефон: (02)3200 232