Програми на Унијата
Програмата за доживотно учење е резултат на новиот интегриран пристап што Европската комисија планира да го применува во областа на образованието, почнувајќи од 2007 година. Во новата програма се вклучени следниве четири специфични програми:
1. Комениус (Comenius) – претшколско и основно образование
2. Еразмус Мундус (Erasmus Mundus) – високо образование
3. Леонардо да Винчи (Leonardo da Vinci) – професионално образование и обука
4. Грунтвик (Grundtvik) – образование за возрасни
Освен овие програми, во рамките на програмата е вклучена и Трансверзалната програма, како и програмата Жан Моне (фокусирана на поддржување на активности поврзани со европската интеграција, како и институции што дејствуваат во областа на образованието и обуката).
Општата цел на оваа програма е да придонесе во развојот на Заедницата како напредно општество на знаење. Освен тоа, програмата ќе настојува да ја забрза размената, соработката и мобилноста помеѓу образовните центри и центрите за обука во Заедницата.
Процесот на спроведување на програмата ќе се одвива преку формирање на соодветни национални агенции. Ова значи дека земјите што сакаат да учествуваат во програмата ќе мора прво да го исполнат овој неопходен институционален предуслов, формирање на национална агенција во областа на образованието. Комисијата ќе влезе во договорни односи со националната агенција, доколку истата ги исполнува предвидените услови.
Национална партнерска институција одговорна за спроведување и координирање на активностите поврзани со Програмата е Министерството за образование и наука.