Der Standard: Каков е Вашиот став во однос на бугарското вето од вторникот за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија? Бугарија со ова, вам, на нејзината соседна земја, сака да ви го наметне сопствениот став кон историјата.
Димитров: Тоа не беше добар ден ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас. Но, сега сакаме да го спречиме очајот и национализмот и затоа се свртуваме кон пријателските држави од ЕУ, за да можеме да ги постигнеме ЕУ стандардите без процесот на пристапување кон ЕУ, доколку не можеме да го одблокираме бугарското вето. Бидејќи, ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време.
Der Standard: Дали тоа значи дека повеќе нема да водите разговори со бугарската влада за овие историски прашања и едноставно ќе чекате на промена од страна на Владата во Софија?
Димитров: Ние и понатаму ќе разговараме со Софија, но нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме. Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет. А ако Софија не се повлече ќе мораме да најдеме нови начини на кои ќе ја европеизираме нашата земја.
Der Standard: Мислите ли дека Бугарија ќе остане непоколеблива?
Димитров: Тоа е тешко да се каже. Ни останаа уште неколку дена. Но, за нашиот регион ова дава многу лош сигнал. Бидејќи ние бевме првата држава овде која потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Статус кандидат имавме 15 години. Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем. Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија. Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас. Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати дури и во споредба со оние земји кои преговараат веќе неколку години. Во последните три и пол години ги решивме проблемите со соседите, направивме големи чекори кон отворено, демократско, мултиетничко општество и спроведовме реформи за правна држава. Каква порака, всушност, се испраќа до регионот доколку ова не биде препознаено од ЕУ?
Der Standard: Како всушност дојде до бугарското вето? Во 2017 година Софија и Скопје потпишаа Договор за пријателство.
Димитров: Во октомври, минатата година, околу локалните избори, бугарскиот парламент донесе политичка декларација во која стануваше збор за ставовите кон историјата. Ова не беше никакво изненадување туку многу несреќен развој на настаните. Кои сме ние – имено Македонци – и кој јазик го говориме – имено македонски – е всушност внатрешно прашање. Тоа е прашање на самоопределба. Тешко е да се разбере дека во член 3 од Договорот од Лисабон ЕУ го признава почитувањето на културната и јазичната разноликост, а истовремено македонскиот јазик претставува пречка за почеток на пристапни преговори. Ова не е предизвик само за нас туку и за Европската Унија како заедница на вредности. Овде, во региониот, ние имаме богата историја, но, очигледно, не успеваме да создадеме доволно иднина.
Der Standard: Во рамки на Договорот за пријателство е формирана комисија на историчари помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Возможно ли е за сите овие прашања да се дебатира повторно таму, а не во политиката?
Димитров: Да, Комисијата беше формирана за историските прашања, а политичките прашања требаше да ги дискутираат политичарите и владите. Меѓутоа во последните неколку недели и месеци расправата за историските прашања стана доминантна и сега го поткопува политичкиот процес и меѓусебните односи. Комисијата на историчари повторно ќе се состане во декември – а следната година пет пати. Но, постојат различни гледишта. Пред нашите предвремени избори предложивме Комисијата да продолжи да работи онлајн. Но, во Софија не мислеа така. Политичката декларација во бугарскиот парламент делумно ја спречи и работата на Комисијата. Бидејќи бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката „македонски“. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата. Но искрено: доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на „историска вистина“ е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата.
Der Standard: Каква придавка всушност би требало да се користи наместо придавката „македонски“, кога станува збор за идеите на Бугарија?
Димитров: Во некои бугарски документи постојат тврдења кои се, отворено кажано, навредливи. Овде станува збор за „таканаречена македонска нација“ и таму се вели дека нашиот јазик е западнобугарски дијалект. За ваква расправа не би требало да има простор во Европа во 21 век! Ниедна друга земја нема правна основа за отворање прашања кои се во центарот на нашиот суверенитет. Нашиот јазик е наша работа. А ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а искрено, во 2020 година не е ни пристојно.
Der Standard: Имате ли поддршка од другите земји на ЕУ?
Димитров: Постои огромна поддршка дека пристапните преговори може да започнат. Германското претседателство ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември. А ние и понатаму ќе внимаваме на тоа никому да не му дадеме причина да нè блокира. Но, тоа не значи дека ќе се преговара за нешто за што не може да се преговара. Ние ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин. Ако постои достоинствено решение за овој предизвик ние во целост ќе го искористиме пристапниот процес; ако тоа не е можно, тогаш ќе ги искористиме мрежите на нашите пријатели и ќе работиме на тоа да ја одржуваме земјата во добра форма за кога ситуацијата ќе се промени.
Der Standard: Следната година ќе има и избори во Бугарија. Во однос на едно сосема поинакво прашање: терористот од Виена имаше и македонско државјанство. Како ја цените соработката на австриските и македонските власти во однос на овој случај?
Димитров: Независно дали сме дел од ЕУ или не, ние, европските држави, треба, колку што е можно повеќе, да ја прошируваме соработката помеѓу тајните служби, безбедносните сили и ограните за спроведување на законот, со цел борба против тероризмот. Би сакал да ја искористам оваа можност да ѝ изразам длабоко сочувство на Австрија и на вашите читатели во Австрија. Целосно ја поддржуваме Австрија во однос на ова прашање и во борбата против тероризмот. Кога слушнав за нападот веднаш го побарав шефот на нашите безбедносни служби, но тој ми кажа дека веќе се во контакт со австриските власти. Во однос на ова прашање стапив во контакт и со австриските министри. Сите канали се отворени и постои целосна соработка и на експертско ниво. Но, севкупно, Европа би требало поинтензивно да се фокусира на ова прашање, како што е преминот на границите на одредени луѓе и ширењето на информациите за нив. Бидејќи ова е закана со која ниедна земја не може да се соочи самостојно.