Интервјуа
среда, 13 септември 2023 07:52
„Целосно сме посветени на остварување на двотретинска поддршка за уставните измени, мислам дека ова што го кажува и грчкиот министер за надворешни работи дека има реална шанса да има ново проширување, до крајот на оваа декада до 2030 година и дека не е само една убава приказна и убави зборови, туку е прилика којашто ние не треба да ја пропуштиме. Дали ќе ја пропуштиме или не зависи од нас. Ние се бориме да и преку тие тешки одлуки да ја прескокнеме последната препрека и да продолжиме со преговорите за да ни биде таа цел достижна. Не сакаме во 2030 година кога ќе има прием на нови членови, да се случи ние да не сме меѓу нив, напротив, кога 2030 година ќе ја чуеме веста дека има нови членки на ЕУ, сакаме Северна Македонија да биде една од тие нови членки“, изјави за МИА вицепремиерот Маричиќ во Атина, после средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис.
Маричиќ за средбата со министерот Герапетритис, рече дека во одлична атмосфера беше испратена јасна и недвосмислена порака дека Грција дава целосна поддршка и продолжува со досегашната поддршка за Северна Македонија и за зачленувањето во Европската Унија.
- Кажа дека Грција чувствува посебна одговорност во однос на проширувањето на Западен Балкан, бидејќи токму во Солун пред 20 години било дадено ветувањето дека Западниот Балкан има европска перспектива и Грција е практично иницијатор на повторното отворање на оваа дебата за утврдување на јасна временска рамка и за јасни одредници во кој период би се случило тоа проширување. Тоа е за нас охрабрување, посочи Маричиќ.
Тој додаде дека на средбата соговорниците дискутирале и за билатералните односи, кои како што рече Маричиќ се одлични и одат само во нагорна линија по склучувањето на Преспанскиот договор, по решавањето на нашиот билатерален спор и по влезот во НАТО.
Тоа пријателство се гради веќе неколку години има одлични резултати и заклучивме заедно дека мора да продолжиме во истата насока и дека примерот на Преспанскиот договор и развојот на нашите односи со Грција треба да биде исто така пример и за другите во регионот, но исто така и за нас дека вреди да се носат тешки одлуки и во моментот и дека носењето тешки одлуки може да донесе само придобивки,иако изгледа тешко во моментот на донесување на одлуките, укажа вицепремиерот Маричиќ, во изјавата за МИА.