Интервјуа
среда, 29 ноември 2023 04:27
Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Цивил Медиа говореше на темата за ширењето на дезинформациите и пропагандата како дел од дејствувањето на антизападните ентитети во и надвор од земјата.
Постојаната закана од дезинформации и говор на омраза, кои континуирано ја поткопуваат довербата во демократскиот систем и институциите, Бојан Маричиќ, заменик претседателот за европски прашања на Република Северна Македонија, изрази загриженост и назначи дека државата, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија, е постојано изложена на напади и обиди да се изобличи и ослаби довербата на граѓаните во ЕУ како идеја и како концепт.
„Ние не смееме да заборавиме колку време беше нашава држава мета на дезинформативни напади поврзани со безбедноста на училиштата на пример. Не смееме да заборавиме колку време бевме под жестока малигна кампања мотивирана и иницирана од Кремљ, а одиграна од домашните политички играчи поврзани со идеологијата на Кремљ, поврзана со францускиот предлог. Со месеци лажеше Левица и ВМРО-ДПМНЕ како, ете, сега и докажани коалициони партнери, дека тоа е предлог што ќе го збрише нашиот идентитет, дека ќе го загрози. Имаше јавни судења на високи владини функционери, имаше една жестока кампања дека нашиот јазик ќе исчезне итн.
Сите тие, со текот на времето, пукаат како меур од сапуница, меѓутоа, прават огромна штета.
Затоа, треба да ги препознаваме на време, да се занимаваме со нив, и институционално и политички, што мислам дека е подеднакво важно, бидејќи институционалното справување со дезинформациите и со говорот на омраза е една работа и е многу важно за секој граѓанин. Исто така, за секој граѓанин е важно, политички да се справиме и да им се спротивставиме на концептот на дезинформации и говор на омраза, затоа што антидемократските и антизападните политички сили не се воздржуваат од тоа да ги користат и говорот на омраза и дезинформациите како нивно политички средство“
Маричиќ апелираше за интензивирање на мерките и иницијативите за борба против дезинформациите и говорот на омраза и призна дека државата треба да ги препознае и контролира овие појави.
Според Маричиќ, дезинформациите и говорот на омраза директно влијаат на поддршката за членство во Европска Унија и призна дека ова се предизвици кои бараат посветена борба и конкретни мерки.