Интервјуа
вторник, 31 октомври 2023 01:13
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на „Топ тема“ рече дека Планот за раст се фокусира на реформите на финансиските капацитети и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите, нагласувајќи дека истиот дава можност државите кои не сакат да земат учество, да не ги попречуваат другите да го спроведуваат овој план.
- Заедно со Европската комисија, работиме на целосно развивање на Планот за раст. Ова е план во којшто нема да се чекаат оние што не сакаат да учествуваат. Тоа значи дека тие што нема да сакаат нема да земат учество, останати тоа нема да ги спречува да продолжат со овој План за раст. Она што е битно е дека реформите и областите, не само областите во коишто ќе мора да испорачаме реформи, туку и конкретните мерки ќе се договараат во наредниот период и очекуваме да бидат заклучени пред крајот на годината. Тој список на реформи што треба да го направиме тој реформски план не е врзан формално ниту да речам конкретно со преговорите, ниту со реформите што ни ги бараат редовно секоја година, иако фактички ќе мора да се земат дел од тие мерки и во овој дел. На што ќе се фокусираат реформите? На реформи во економскиот систем, реформи во финансиската контрола и фискалната политика и реформи во делот врзан за темелни вредности, објасни вицепремиерот Маричиќ.
Посетата на претседателката на Европската комисија за Маричиќ е позитивен сигнал и охрабрување, со која се испраќа порака дека не само што Северна Македонија има европска перспектива, туку и дека работи на неа.
- Нејзиниот фокус на оваа посета е токму Планот за раст. Иако беа спомнати и повеќе други теми она што таа ни го пренесе дека навистина постои тоа што ние го говориме веќе некое време дека навистина постои расположение кај државите членки да разговараат и да дејствуваат на полето на европските интеграции. Значи не е тоа само наша замисла и убава приказна или убава желба, туку дека е тоа навистина реалност и дека ќе го покажат тоа на дело дека Планот за раст ќе го ефектуираат во најскоро можен рок. Очекуваме на 8-ми ноември кога ќе бидат објавени Извештаите за сите држави од регионот да бидат објавени и деталниот План за раст, додаде Маричиќ.
За Планот за раст, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ смета дека дава шанса да се покажеме и ние, да се покажат и ЕУ и во наредниот период ако има услови и волја за повеќе може да бараме и да добиеме и повеќе, давајќи примери по области за пристапувањето на Западен Балкан до единствениот европски.
- На пример соработка во областа на царините значи поголема соработка на царинските управи, за да има полесна трговија, е-трговија, овозможување на електронска трговија нешто што сега оди потешко, безготовинските плаќања исто така одат потешко, развој на соработка и олеснување на патничкиот сообраќај и транспортна заедница, развој на пазарот за електрична енергија и обезбедување електрична енергија, роаминг пакетот што го има Украина да важи и за нас, тоа значи практично без повисоки цени за роаминг низ цела Европска Унија и она што ние го бараме и го работиме како концепт и идеја создавање на еден бизнис централен регистар за компаниите од Западен Балкан за да ме може да имаат полесен пристап едни до други, рече Маричиќ.
Во тој контекст за пристапот и можностите на единствениот пазар вицепремиерот најави дека земјоделието е една од областите каде што баравме поголема либерализација и дека нашите бизнис компании полесно ќе може да ги пласираат своите услуги и производи надвор од Северна Македонија, односно на пазарот на ЕУ.
- Цените за трговија ќе бидат со пониски трошоци и влегуваме во едно заедничко планирање на она што е важно за економијата, енергетика, електрична енергија, а и вложувањето во инфраструктурата. Сето тоа треба да даде на еден поттик за зголемување на бруто домашниот производ, но исто така и еден поттик за компаниите и оние коишто работат во овие клучни области да бараат нови пазари. Ако ова го врземе со барањето за реформи на некој начин се обврзува и бизнис заедницата, не само нели оние традиционални целни групи што бараат реформи, бизнис заедницата да притиска повеќе за реформите, бидејќи тие се непосредно врзани за финансиската помош и за поддршката на проектите, укажа Маричиќ во гостувањето на „Топ тема“.