Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска беше во работна посета на општина Ресен. Во рамките на посетата, заменик министерката за европски прашања Трајков се сретна со градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски, а го посети и Претор, каде беше на увид на изградба на систем за третман на отпадни води во село Претор.
На средбата со градоначалникот, заменик-министерката Трајков ја истакна заложбата на Министерството за европски прашања и Владата за поддршка на општините и стимулирање на нивниот развој преку поголема искористеност на европските фондови. При тоа, таа се информираше за тековните проекти во општината кои се поддржани преку европски фондови.
Заменик министерката за европски прашања Трајков потенцираше дека добриот менаџмент е предуслов за економски силни општини, нагласувајќи дека треба да се искористат европските средства кои им се на располагање на општините со цел да се обезбеди просперитет и благосостојба за граѓаните. Во Претор, заменик министерката за европски прашања, Трајков го посети локалитетот каде се одвиваат градежни активности за изградба на систем за третман на отпадни води како дел од проектот "Обнова на природните ресурси и унапредување на одржливо земјоделство и туризам" финансиран преку програмата ЕУ за Преспа. За проектот преку ИПА 2021 програмата се обезбедени 21,7 милиони евра, а предвидено е да се заврши до јуни 2027 година. При посетата, заменик-министерката Трајков истакна дека поддршката на ЕУ е драгоцена за секоја општина, а Министерството за европски прашања е на располагање на општините и ги стимулира да аплицираат за ЕУ фондовите кои ќе овозможат забрзан развој и подобар живот во општините.