Заменик-министерката за европски прашања проф. д-р Викторија Трајков оствари средба со Закари Харисон, вршител на должноста заменик – шеф на Мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во МК.
Во фокусот на разговорот беа европската интеграција на Северна Македонија, Реформската агенда, зајакнувањето на институциите и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
Заменик-министерката за европски прашања истакна дека европската интеграција е стратешки приоритет за Северна Македонија, а спроведувањето на реформите и исполнувањето на европските стандарди се клучни за забрзување на процесот.
„Европската интеграција не е само политичка цел, туку процес на суштинска трансформација на нашето општество. Нашата задача е да обезбедиме силни и ефикасни институции, владеење на правото и европски стандарди кои граѓаните ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот. Во тој процес, САД се наш важен и докажан стратешки партнер и нивната поддршка и искуство имаат особена вредност“, истакна Трајков.
На средбата беше нагласено дека продолжувањето на блиската соработка со Соединетите Американски Држави и со европските партнери е од особено значење за успешното спроведување на реформите, јакнењето на демократските институции и обезбедувањето стабилна и просперитетна европска иднина за државата.
Соговорниците ја потврдија определбата за продолжување на отворениот дијалог и партнерската соработка во областите од заеднички интерес.