Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Трајков од Белград: Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку нивни креатори

Трајков од Белград: Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку нивни креатори

Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, учествуваше на втората Конференција посветена на женското лидерство, организирана од Владата на Република Србија. На конференцијата свое обраќање имаше и поранешната прва дама на Република Србија г-ѓа Тамара Вучиќ, на кој беа отворени прашања од значење за унапредувањето на улогата на жените во лидерството, политиката, економијата и општеството.

Во своето учество, заменик-министерката се осврна на потребата од создавање нова генерација жени лидери и посилно регионално поврзување, истакнувајќи дека иднината на Западен Балкан зависи и од квалитетот на соработката меѓу жените од регионот.

„Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку и креатори на политиките“, порача проф. д-р Трајков, нагласувајќи дека политичкото учество на жените не е само прашање на еднаквост, туку и прашање на квалитетот на демократијата.

Таа посочи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици, но токму заедничките искуства претставуваат можност за градење регионални решенија.

Како особено важни области за соработка ги издои образованието и развојот на вештините, економското зајакнување и претприемништвото, политичкото учество на жените, дигиталната трансформација и пристапот до новите технологии, како и спречувањето и борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Заменик-министерката за европски прашања посебно ја нагласи важноста на менторството и поддршката на младите жени, посочувајќи дека жените кои денес се на лидерски позиции имаат одговорност да го пренесат своето знаење и искуство на генерациите што доаѓаат.

„Кога една жена ќе успее, таа треба да ја отвори вратата за друга“, истакна проф. д-р Трајков, нагласувајќи ја потребата од создавање систем во кој младите жени ќе имаат пристап до образование, менторство, професионални мрежи, лидерски можности и процесите на донесување одлуки.

Во контекст на технолошкиот развој, заменик-министерката за европски прашања се осврна и на можностите и ризиците што ги носат вештачката интелигенција и дигитализацијата. Таа порача дека жените не треба да бидат само корисници на новите технологии, туку и нивни креатори, иноватори, истражувачки, претприемачки и носители на одлуки.

На настанот беше истакнато и значењето на партнерствата меѓу институциите, бизнис-секторот, академската заедница, граѓанското општество и младите, како основа за создавање поинклузивна иднина.

„Нашата иднина не е однапред напишана. Ние ја испишуваме. И ако ја испишуваме заедно, таа ќе биде посилна, поправедна и поуспешна“, порача проф. д-р Трајков, повикувајќи на посилна регионална мрежа на жени кои заеднички ќе создаваат нови можности и ќе придонесуваат кон развојот на своите општества.

Учеството на заменик-министерката проф. д-р Трајков на настанот во Белград претставува можност за дополнително зајакнување на регионалниот дијалог и размена на искуства во областа на женското лидерство, со посебен фокус на младите жени и нивната активна улога во креирањето на иднината на регионот.

Мени за пристапност