Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, денеска се обрати на Осмата седница на Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание, посветена на презентацијата на Програмата и приоритетите на ирското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули–декември 2026 година.
Во своето обраќање, Трајков истакна дека претседателството на Ирска доаѓа во период кога Европската Унија има историска можност да ја зацврсти политиката на проширување и да испрати јасна порака дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија.
„Интеграцијата на Западниот Балкан претставува инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на цела Европа. За Северна Македонија е особено важно што проширувањето останува високо на агендата на Европската Унија и очекуваме ирското претседателство да даде нов импулс на овој процес“, нагласи Трајков.
Таа посочи дека Владата останува целосно посветена на спроведувањето на реформската агенда, зајакнувањето на владеењето на правото, модернизацијата на институциите и забрзаната економска интеграција со Европската Унија.
Заменик-министерката за европски прашања истакна дека искуството на Ирска како успешна европска приказна претставува инспирација за земјите кандидати, покажувајќи дека реформите, инвестициите и европската солидарност носат конкретни придобивки за граѓаните.
Трајков изрази уверување дека за време на ирското претседателство ќе продолжи процесот на постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан во Единствениот европски пазар, како значаен чекор кон полноправно членство во Европската Унија.