Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
Во продолжение следува интегралниот текст на обраќањето на МЕП Муртезани во Стразбур:
=========================================================================
Почитувани копретседавачи, почитувани пратеници, претставници на Европската комисија, почитувани колеги и пријатели,Постои извесна тежина кога се говори од Стразбур, од оваа сала каде што Европа научи да ја преточи својата историја во надеж. Стразбур не е само град на институции; тој е жива метафора за тоа што стана Европа – простор каде што дијалогот ја замени поделбата и каде што идеалите го пронајдоа својот глас во институции кои се изградени за да опстојат. Во ваков амбиент, Европа не може да биде предмет на апстрактен говор. Тука се говори за одговорност, партнерство и храброст за реформи. Денес, додека заседаваме во овој Дом на демократијата, нè обединува истото убедување: дека Европа е најсилна кога слуша, кога создава преку дијалог и уверување.За Северна Македонија, европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација. Тој отсекогаш претставувал секојдневна задача, дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати. Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан му даде на овој напор нова димензија. Тој претставува и признание за она што е постигнато и покана за понатамошно продлабочување на напредокот. Преку овој План, Европската Унија покажа дека интеграцијата не е процес што се одложува за некој иден момент; таа започнува со трансформација на системите, економиите и општествата уште денес и може да донесе опипливи придобивки дури и пред формалното членство.Северна Македонија ја предводи таа трансформација. Бевме првата земја во регионот која го стави во функција Инструментот за реформи и раст и доби претфинансирање од над педесет и два милиони евра. Реформската агенда што ја донесовме е сеопфатна и амбициозна, опфаќа реформи во управувањето и јавната администрација, владеењето на правото, енергетската и зелената транзиција, дигитализацијата и развојот на човечкиот капитал. Таа им дава структура на нашите реформи и јасност на нашите цели. За помалку од една година, поднесени и одобрени се две барања за ослободување средства, што претставува конкретен напредок во низа области: од дигиталната инфраструктура и енергетската ефикасност до подобрувањето на бизнис-климата. Веќе се исплатени вкупно дваесет и четири милиони евра, со дополнителни средства што може да се обезбедат по исполнувањето на дваесет и деветте активни реформски чекори предвидени за декември 2025 година, како и заостанатите чекори од претходните извештајни периоди. Секој чекор претставува многу повеќе од бирократска етапа; тој е показател за кредибилитетот на земјата и за посветеноста на Владата кон трајни промени.Нашата инвестициска агенда во рамките на Планот за раст продолжува да се развива и по обем и по визија. Во подготовка се дваесет и еден крупен проект, во вредност од околу 1,1 милијарди евра, кои ќе бидат поддржани со над половина милијарда евра преку Инвестицискиот рамковен фонд за Западен Балкан (ИРЗБ). Овие проекти опфаќаат иницијативи во областите енергетика, дигитализација, транспорт и образование, - иницијативи наменети да ги поврзат граѓаните, да ја подобрат конкурентноста и да ја зајакнат одржливоста. Северна Македонија, исто така, аплицираше за четири нови проекти во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан, кои комбинираат техничка помош и инвестициски грантови, со цел да се зајакнат темелите за долгорочен раст.Напредокот што го остваруваме се заснова на јасно дефинирани структури. Паралелно, работиме на финализирање на патоказите за отворање на поглавјата Владеење на правото и Реформа на јавната администрација, како почетни одредници за кластерот Фундаментални вредности. Патоказот за РЈА веќе е одобрен од Владата, додека патоказот за Владеењето на правото се финализира во координација со Европската комисија. И двата документа се усогласени со пошироките европски стандарди и со скрининг-извештајот на ЕК. Во нив се утврдуваат рокови, мерливи индикатори и институционална одговорност, осигурувајќи дека реформите не се изолирани чекори, туку дел од еден континуиран процес. Патоказот за функционирањето на демократските институции, кој се подготвува во консултација со Комисијата, го зајакнува овој рамковен пристап преку зацврстување на транспарентноста, отчетноста и плурализмот.Со Извештајот на Европската комисија за земјата за 2025 година се потврдува дека овие напори даваат резултати. Во него се признава напредокот во клучните области, вклучувајќи го и управувањето со јавните финансии, дигитализацијата и реформата на правосудството. Во извештајот, исто така, се нагласува континуираната усогласеност на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика и се истакнува конструктивниот регионален придонес на земјата. Истовремено, Извештајот нѐ повикува да ги забрзаме реформите во областите каде што доследноста е од суштинско значење. Ние ја сфаќаме таа порака сериозно. Препораките од овогодинешниот извештај, заедно со заклучоците од скринингот и експертските мисии, веќе се интегрирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и во нашата среднорочна буџетска рамка.Резултатите од овие реформи веќе го трансформираат секојдневниот живот на нашите граѓани. Преку стратегијата SMART/MK 2030 дигиталните услуги се трансформираат; Законот за електронски комуникации е усогласен со Европскиот кодекс за електронски комуникации, со што се обезбедува солидна правна основа за натамошно усогласување со правото на ЕУ за роаминг во рамките на иницијативата „Роаминг како дома“; а со лансирањето на WiFi4WB, шеесет и три општини наскоро ќе овозможат бесплатен интернет на јавни места. Основањето на нашиот национален центар за вештачка интелигенција, ВЕЗИЛКА, нè постави меѓу првите во регионот што кои создадоа екосистем за одговорна употреба на вештачката интелигенција. Во исто време, со нашето приклучување кон Единствената зона за плаќање во евра, европската интеграција стана конкретна и опиплива реалност за граѓаните и за бизнисите. Трансакциите што претходно траеја со денови, сега се завршуваат за неколку моменти, семејствата и бизнисите штедат на трошоци, а прекуграничната соработка станува секојдневна реалност. Ова е јасен показател како реформите се претвораат во можности, а интеграцијата станува вистинско, доживеано искуство.Почитувани членови,Додека ги донесеме Заедничките препораки на овој Комитет, треба да се потсетиме на едно ветување дадено пред повеќе од две децении, во Солун, дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство. Тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови , туку и преку дела. За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки. Ви благодарам.