Државната секретарка на Министерството за европски прашања Арлинда Ѓакова, денеска имаше средба со Јакоб Гранит, генерален директор на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), на која што беше потврдена долгогодишната успешна соработка во рамките на проектите поддржани од Шведска преку Шведската агенција за меѓународен развој (SIDA).
Државната секретарка Ѓакова изрази задоволство од долгогодишната соработка со SIDA, со која што веќе шест години заеднички работат на унапредување на европскиот реформски процес на Северна Македонија. Таа се заблагодари на Кралството Шведска, единствената земја членка на ЕУ, со билатерална помош, за нивната поддршка во зајакнување на капацитетите на нашата администрација да се справи со предизвиците на процесот на ЕУ.
Во фокусот на разговорот беа Планот за Раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027, како двигатели на евроинтегративниот процес. Се истакна дека земјата останува посветена на клучните реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и економскиот развој, нагласувајќи дека овие напори се од суштинско значење за напредокот во пристапните преговори. Акцент беше ставен и на ИПА помошта, и Зелената агенда, преку ангажманот за одржлив економски раст и енергетска независност.
Двете страни истакнаа дека во изминатиот период беше обезбеден континуитет на проектните активности, преку поддршката во повеќе клучни области, како што се: организација на настани за подигнување на јавната свест за процесот на ЕУ интеграција и Реформската агенда 2024-2027, експертска поддршка и јакнење на административните капацитети, зајакнување на капацитетите на медиумите, подготовката на Националната верзија на ЕУ acquis преку превод и правна ревизија и подготовка на Насоки за интегрирање на антикорупциските стандарди во различни поглавја од acquis-то.
Заеднички беше потенцирана подготвеноста за продлабочување на соработката во повеќе сектори, со што ќе се забрзаат реформските процеси на нашата држава, а со тоа и ќе се олесни пристапниот процес.