Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари протоколарна средба со новиот амбасадор на Грција во Република Северна Македонија. На средбата, Сали му посака добредојде и успешен мандат, изразувајќи подготвеност за продлабочување на соработката преку проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите од двете земји.
Во фокусот на разговорот беше прекуграничната соработка. Во рамки на програмата Интеррег на Инструментот за претпристапна помош за периодот 2021–2027, со буџет од околу 30 милиони евра, се спроведуваат 20 проекти со учество на 38 партнери од Северна Македонија. Проектите го поддржуваат развојот на пограничните региони, заштитата на животната средина и соработката меѓу институциите и локалните заедници.
Посебно внимание беше посветено на граничниот премин Маркова Нога–Лемос и дополнителните инвестиции во Преспанскиот Регион. Сали ја истакна важноста на овие проекти за поврзувањето на заедниците, развојот на туризмот и создавањето економски можности. Беа разгледани и гасниот интерконектор Северна Македонија–Грција и модернизацијата на железничките врски долж Коридорот X.
Во однос на процесот на пристапување кон Европската Унија, Сали ја потврди посветеноста на реформите и спроведувањето на Реформската агенда. Тој ја нагласи потребата од кредибилен и предвидлив процес, заснован на заслуги, како и важноста на постепената интеграција што носи конкретни придобивки пред членството.
Министерот ја истакна и можноста за обновување на соработката во рамки на Меморандумот од 2019 година за забрзување на процесот на европска интеграција. Размената на искуства и експертиза со грчките институции може да го поддржи јакнењето на административните капацитети и спроведувањето на европските политики.