Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сали – Палминтери: Продлабочување на соработката и поддршката на Италија за европската интеграција на Северна Македонија

Сали – Палминтери: Продлабочување на соработката и поддршката на Италија за европската интеграција на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери.
 
На средбата беше разговарано за напредокот на Северна Македонија во процесот на европска интеграција и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, јакнењето на институционалните капацитети и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
 
Соговорниците разменија мислења за можностите за соработка преку европските инструменти, особено во рамки на Твининг и ТАЕКС програмите, како и преку регионалните и транснационалните програми во кои учествува Северна Македонија.
 
Министерот Сали изрази благодарност за поддршката од Италија во клучни области како животната средина, енергетиката, социјалната политика и економскиот развој, како и за солидарноста и помошта во справувањето со поплавите во 2016 година и мигрантската криза.
 
Тој нагласи дека Министерството за европски прашања останува посветено на продлабочување на соработката со Италија, особено во областите поврзани со реформите и европската интеграција на земјата.

Мени за пристапност