Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска оствари билатерална средба со министерот за европски прашања на Ирска, Томас Брн, кој престојува во работна посета на Скопје. Средбата беше проследена со заедничка прес-конференција на која министрите упатија силна заедничка порака во поддршка на процесот на проширување на Европската Унија и европската перспектива на Северна Македонија.
Министерот Муртезани истакна дека проширувањето на Унијата е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија, и дека Северна Македонија останува доследно посветена на спроведување на реформите и на воспоставување на европски стандарди. Притоа подвлече дека процесот мора да биде заснован на заслуги и ослободен од билатерални условувања, како предуслов за зачувување на кредибилитетот на европската интеграција.
„За нас, европската интеграција не е само надворешно-политичка цел, туку длабоко внатрешна трансформација. Нашиот фокус останува на реформи, резултати и јасна посветеност кон европските вредности,“ изјави Муртезани.
Од своја страна, министерот Брн го поздрави напредокот на Северна Македонија и изрази силна поддршка за нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ. Тој нагласи дека Ирска има позитивно искуство од членството, кое ја зајакнало нејзината култура, јазик и меѓународна позиција.
„За Ирска, тоа што седиме на масата на ЕУ и што сме дел од одлуките е од големо значење. Верувам дека и Северна Македонија, но и сите граѓани и ваши и наши, како и сите граѓани на Унијата, ќе имаат придобивки од овој процес,“ истакна Брн.
Министерот Брн информираше дека Ирска ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија во средината на 2026 година, при што го посочи проширувањето како еден од приоритетите во рамки на нивното претседателство.
Министрите се согласија дека е од клучна важност граѓаните да ги препознаат придобивките и конкретните резултати од европскиот процес, и дека тоа бара заедничка посветеност, искрен дијалог и фер услови.
Во продолжение, интегралното обраќање на министерот Муртезани:
Почитувани претставници на медиумите,Чест ми е што денеска сме домаќини на мојот колега и пријател, министерот за европски прашања на Ирска, Томас Брн.Нашата средба е природно продолжение на разговорите што ги водевме пред скоро месец во Даблин – разговори водени во духот на партнерство, разбирање и силна заедничка определба за обединета иднина на Европа.Нашите заеднички ставови ипораки остануваат исти: Проширувањето на Европската Унија е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија. Не постои стабилна Европа без интеграција на Западен Балкан. Не постои вистинска Унија без обединета политика кон соседството.Северна Македонија останува посветена на овој пат со реформи, со конкретни резултати и со отворен дијалог. Веруваме дека секоја земја-кандидат треба да се вреднува врз основа на своите заслуги, а не да биде заложник на билатерални прашања и политички блокади. Тоа е предуслов за зачувување на кредибилитетот на европската идеја.Ирска во тој контекст има значајна улога. Како членка на Унијата од 1973 година, таа претставува пример за успешно користење на можностите што ги носи членството – преку инвестиции, отворање на економијата и зајакнување на институциите. Но за нас е поважно и фактот дека Ирска е еден од гласните и јасни гласови на разумот и правичноста во рамките на ЕУ кога станува збор за процесот на проширување.Ја цениме ирската поддршка – и гласно, и тивко – во институциите на ЕУ. Таа поддршка не е декларативна, туку конзистентна и принципиелна.Особено ни е драго што Ирска ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ во 2026 година бидејќи веруваме дека тоа ќе биде дополнителна можност за продлабочување на европската перспектива на регионот.Му благодарам на министерот Брн за неговата посета и за конструктивниот дијалог. Кој е израз на заедничка определба за обединета Европа која е посилна, поправедна и поблиску до граѓаните.Ви благодарам.