Министерот за европски прашања, Беким Сали, се обрати на настанот „Young Talent for Future Growth“, организиран во рамки на програмите Young Energy Europe и Development Partnership Programme, на кој беа доделени сертификати за учесниците и награди за најдобрите проекти.
Во своето обраќање, министерот Сали нагласи дека развојот на човечкиот капитал е клучен за економската трансформација и за напредокот на земјата на патот кон Европската Унија.
„Европската интеграција не е само процес на усогласување на политики, туку процес на трансформација кој зависи од луѓето – од нивните знаења, вештини и подготвеност да водат промени,“ истакна Сали.
Тој потенцираше дека иницијативите како Young Energy Europe придонесуваат кон градење конкурентна и одржлива економија, преку развој на професионалци кои ќе ја предводат зелената и дигиталната транзиција.
Министерот ја поздрави и имплементацијата на програмата за развојно партнерство со WUS, која обезбедува можности за образование, обука и вработување за младите, оценувајќи дека вложувањето во знаење и вештини е предуслов за долгорочен економски раст.
Сали нагласи дека Владата, преку реформската агенда и процесот на европска интеграција, останува посветена на создавање услови за развој на таленти и нивно задржување во земјата.
На настанот беа доделени сертификати за новата генерација учесници, како и признанија за најуспешните проекти за 2026 година.