Во рамки на работната посета на Мадрид, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со генералниот секретар на Меѓународната фондација за јавна администрација (FIAP), Тобијас Јунг Алтроге, на која што се дискутираше за тековниот напредок и клучните предизвици во процесот на реформата на јавната администрација (РЈА) во Северна Македонија.
Министерот Муртезани информираше за тековните активности и високото политичко внимание што му се посветува на процесот на реформа на јавната администрација, преку работата на Советот за реформа на јавна администрација, кој е под раководство на претседателот на Владата. Од конститутивната седница на Советот, одржана по усвојувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023 - 2030, се преземаат активности за нејзина имплементација, мониторинг и евалуација преку утврдениот систем за следење и известување.
Муртезани и Алтроге разговараа и за донесувањето на новите закони за административни службеници и вработени во јавниот сектор, како и за предизвиците што произлегуваат од спроведувањето на активностите предвидени со Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за РЈА. Беа разменети и ставови околу можностите за продлабочена соработка со FIAP, со цел размена на меѓународни искуства, унапредување на капацитетите на јавната администрација и следење на најдобрите практики во јавната администрација.