Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска го отвори состанокот на Стратешкиот координативен одбор на проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, кој се одржа во Министерството за европски прашања.
На состанокот учествуваа претставници на Владата, амбасадори на земји членки на ЕУ, претставници на Европската Унија, како и партнери од системот на Обединетите нации, вклучително и Канцеларијата на ОН за проектни услуги (UNOPS).
Во своето обраќање, министерот Сали нагласи дека европската интеграција останува највисок стратешки приоритет на Северна Македонија и дека по завршувањето на скрининг процесот, фокусот се насочува кон конкретна имплементација на реформите.
„Сега влегуваме во одлучувачка фаза – од идентификување на празнините преминуваме кон нивно затворање. Тоа бара силен институционален капацитет, координација и дисциплинирана имплементација“, истакна Сали.
Тој потенцираше дека Реформската агенда треба да се разбере не само како политичка рамка, туку како оперативна програма за реализација, при што клучни се јасните приоритети, реалните рокови и ефективната меѓуинституционална координација.
Министерот Сали ја истакна и важноста од партнерството со меѓународните организации и имплементациските партнери, како што е UNOPS, кои помагаат политичките обврски да се претворат во конкретни резултати преку техничка експертиза, поддршка во управувањето со проекти и транспарентна имплементација.
„Заедничката цел останува јасна – целосно членство на Северна Македонија во Европската Унија. За да го постигнеме тоа, потребни се доследност, кредибилитет и резултати“, порача Сали.
На состанокот беше направен преглед на досегашниот напредок на проектот, како и на планираните активности во наредниот период, со цел натамошно зајакнување на институционалната подготвеност и координацијата на реформските процеси.