Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Конкурс за доделување стипендии за академски универзитетски студии од втор циклус “ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА ТРАЈКОВСКА“ од областа на правото, економијата и политиките на ЕУ во странство за академската 2017/2018 ГОДИНА

К О Н К У Р С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС „ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА ТРАЈКОВСКА“ ОД ОБЛАСТА НА ПРАВОТО, ЕКОНОМИЈАТА И ПОЛИТИКИТЕ НА ЕУ ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2017/2018 ГОДИНА

Тринаесетти пат по ред, Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Македонија ја реализираат активноста: доделување стипендии за академски универзитетски студии од втор циклус од областа на правото, економијата и политиките на ЕУ во странство. Целта на обезбедување на финансиски средства за испраќање на кадри на доспецијализација од областа на ЕУ е градење и јакнење на професионални вештини на државните службеници ангажирани на процесот на приближување и идно приклучување кон ЕУ.

Кој може да се пријави?

Конкурсот е отворен за административните службеници на Република Македонија.

Стипендиите „Габриела Коневска Трајковска“ се наменети за кандидати за стипендии кои веќе се запишани на високообразовни институции во странство со соодветна програма на академски универзитетски студии од втор циклус од областа на правото, економијата и политиките на ЕУ во странство.

Овој конкурс се однесува на академски универзитетски студии од втор циклус од областа на правото, економијата и политиките на ЕУ во странство, при што предност ќе се даде на кандидатите:
 

  • кои немаат обезбедени финансиски средства за покривање на студиите од наведените области по друг основ, чии одобрени апликации за упис се од факултети кои се повисоко рангирани согласно Шангајската листа, како и на кандидатите со висок просечен успех на студиите и кандидатите со завршено додипломско образование на високо рангираните универзитети согласно националното рангирање или

     
  • кои немаат обезбедени финансиски средства за покривање на студиите од наведените области по друг основ и се запишани на постдипломски студии од областа на Европската Унија на Колеџот на Европа од Бриж, Белгија или на Колеџот на Европа од Натолин, Полска, во склад со склучените Меморандуми за соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања и овие високообразовни институции.

Условите за конкурирање во целост се наведени во објавениот конкурс.

Поднесување на апликација за стипендија

КОНКУРС ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ СТУДИИ ОД ВТОР ЦИКЛУС „ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА ТРАЈКОВСКА“ ОД ОБЛАСТА НА ПРАВОТО, ЕКОНОМИЈАТА И ПОЛИТИКИТЕ НА ЕУ ВО СТРАНСТВО ЗА АКАДЕМСКАТА 2017/2018 ГОДИНА
Конкурс објавен во Дневник преземи 
Образец за аплицирање преземи
CV (EU format) преземи

 

 Конкурсот за доделување стипендии „Габриела Коневска Трајковска“ е објавен на 16.01.2017 г. во двете најтиражни јавни гласила, весникот „Дневник “ и весникот „Коха“, на интернет-страницата на Секретаријатот за европски прашања https://mep.gov.mk/mk-MK/obuki/stipendii , потоа, на веб страницата на Центарот за обука на СЕП tc.sep.gov.mk, како и на националниот телевизиски сервис.
 

Конкурсот трае до 14.02.2017 година.

На 01.02.2017 година (среда), во 10:00 часот, во просториите на СЕП, на Кеј Димитар Влахов бр. 4, Скопје (поранешна зграда на Комерцијална банка) ќе се одржи информативен ден, кога ќе може да се добијат подетални информации за стипендиите.

 Во периодот на времетраењето на конкурсот заинтересираните кандидати можат да се пријават за оваа стипендија со поднесување на потребната документација по електронски пат на следнава е-адреса: stipendii@sep.gov.mk или по пошта на следната адреса и назнака:
 

Влада на Република Македонија
Секретаријат за европски прашања
(оглас за доделување стипендии „Габриела Коневска Трајковска“)
Кеј Димитар Влахов бр. 4 1000 Скопје

или лично да ги предадат во затворен плик во Архивата на Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија.
 

Што потоа?

Евалуацијата на пристигнатите апликации ја врши посебно формирана Комисија. По првата селекција, кандидатите кои ги исполнуваат административните услови ќе бидат повикани на интервју. Комисијата и предлага на Владата на Република Македонија ранг-листа, и го врши изборот по усвојување на ранг-листата од страна на Владата.
 

Идните стипендисти

Давателот на стипендијата се обврзува да ги покрие трошоците во висина од најмногу 20.000,00 евра. Трошоците кои го надминуваат наведениот износ ќе бидат на товар на корисникот на стипендијата. Средствата се доделуваат за обезбедување на трошоците за уписнина, сместување, исхрана и патни трошоци до дестинацијата на студирање и назад.

Избраните кандидати потпишуваат договор со Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Избраните кандидати се обврзуваат да бидат работно ангажирани во органите на државната управа во период од 3 години од завршувањето на академски универзитетски студии од втор циклус.

За извршениот избор на кандидати се известуваат сите кандидати кои се пријавиле на конкурсот во рок од осум дена од денот на извршениот избор.

Мени за пристапност