Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Компонента V – Рурален развој

Компонентата за рурален развој (ИПАРД) е петтата компонента од ИПА. Таа, меѓу другото, особено придонесува за одржливо приспособување на земјоделскиот сектор и на руралните предели, како и за подготвувањето на земјите-кандидати за спроведување на законодавството на Европската унија во врска со Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) и сродните политики. Компонентата за рурален развој ги поддржува земјите-кандидати во развивање на политики, како и во подготовки за спроведување и за управување со ЗЗП на Унијата.

 

Согласно Регулативата (ЕЗ) бр. 1085/2006 од 17 јули 2006 година, ИПАРД компонентата може да има особен придонес кон финансирањето на видовите на активности определени со Регулативата (ЕЗ) бр. 1698/2005 од 20 септември 2005 година за поддршка на руралниот развој преку Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (ЕАФРД).

 

Целите на ИПАРД компонентата се: подобрување на пазарната ефикасност и примена на стандардите на Унијата; поддршка за подготвителни активности за примена на агроеколошките мерки и локалните стратегии за рурален развој и поттикнување на развојот на руралните економии. Владата на Република Македонија првично ги определи следниве сектори како приоритети за поддршка со ИПАРД:

 

  • Месо и млеко;
  • Овошје и зеленчук; и
  • Грозје и вино.

 

Конкретните мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој во рамките на ИПАРД и групи инвестициски активности по поединечни мерки се утврдени во Програмата за користење на средствата од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) за период 2007-2013 година. Оваа Програма ги утврдува и соодветните прифатливи трошоци за инвестициите, финансирањето на мерките, дефинирањето на корисниците на финансиската помош и условите за нејзино користење.

 

ИПАРД програмата се состои од збир на приоритетни оски, како и соодветни мерки и активности за спроведување (група на инвестиции), како и опис на потребниот финансиски придонес. Приоритетните оски на ИПАРД програмата се во согласност со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој (2007-2013 година), а се однесуваат на стратегијата и целите за развој на земјоделскиот сектор и руралните средини во периодот 2007-2013 година, обезбедуваќи дополнителна вредност на претпристапниот процес.

 

Мерките се концентрираат врз подобрување на конкурентноста на економски одржливите земјоделски стопанства и прехранбената индустрија во избраните потсектори, преку политиките за инвестирање во подобрување на технолошката и пазарната инфраструктура, насочени кон зголемување на додадената вредност на земјоделските производи и усогласување со стандардите на Европската унија за квалитет, хигиена и безбедност на храната, благосостојба на животните и заштита на животната средина.

 

Придонесот на Европската унија за рурален развој на ИПА, за 2007-2011 година (според потпишани спогодби за финансирање) е распределен на следениот начин:

 

Година 2007 2008 2009 2010 2011 Вкупно
2007-2011
Вкупно
ИПАРД
2.100.000 6.700.000 10.200.000 12,500,000 16,000,000 47,500,000

 

Помошта од ИПАРД треба да придонесе за подобрување на квалитетот на животот кај населението во руралните средини, зголемен приход и создавање на можности за вработување преку развој и диверзификација на активностите на и вон земјоделските стопанства, како противтежа за разликите помеѓу регионите и во однос на урбаните средини.

 

Целите на ИПАРД програмата произлегуваат од принципите на ИПА, односно:

 

Приоритет (Оска) Специфична цел Соодветни мерки
Оска 1
Подобрување на пазарната ефикасност и спроведување на стандардите на ЕУ
Подобрување на технолошката и пазарната инфраструктура на комерцијалните земјоделски стопанства и прехранбената индустрија насочени кон повисока додадена вредност на земјоделско-прехранбените производи и усогласување со стандардите на ЕУ за квалитет, хигиена и безбедност на храната, благосостојба на животните и заштита на животната средина.

 

-Мерка 101

Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктурирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската унија

-Мерка 103

Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктурирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската унија.

 

 

Оска 3

Развој на руралната економија

 

Подобрување на квалитетот на живот на населението во руралните средини, зголемен приход и создавање на нови можности за вработување

-Мерка 302

Диверзификација и развој на рурални економски активности

 

Корисници на мерките од ИПАРД програмата се: земјоделските стопанства; земјоделските задруги; прехранбената индустрија; економските оператори; претприемачите; и населението во руралните средини.

 

ИПАРД програмата е раководена од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), преку Секторот за управување со ИПАРД во соработка со Комитетот за следење на ИПАРД и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (ИПАРД Агенција) (http://www.ipardpa.gov.mk/Root/mak/default_mak.asp).

 

Во периодот 2009-2013 година спроведени се вкупно 8 јавни повици, што резултираше со потпишување на 178 договори помеѓу Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и крајните корисници. Последниот 8-ми повик беше затворен на 30.09.2013 година.

 

Повеќе информации за можностите што ги нудат ИПАРД фондовите може да се добијат во:

 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
Сектор за управување со ИПАРД
Ул Аминта Трети, бр. 2, 1000 Скопје
Телефон: 02/3134-477, лок.113, 114, 115
www.ipard.gov.mk

 

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
Ул. Трета Македонска Бригада, бр.20, 1000 Скопје
Телефон: 02/ 3097-460
www.ipardpa.gov.mk

 

Листа на документи


1. Список со склучени договори
2. Програма за измена и дополнување на ИПАРД програмата (05.07.2013)
3. ИПАРД програма 4-та измена (21.11.2012 година)
4. ИПАРД програма 3-та измена (05.12.2011)
5. ИПАРД програма 2007-2013 (03.07.2009)
6. Закон за ратификација на спогодбата за правилата на соработка за ИПАРД (30.12.2008)

Мени за пристапност