Интервјуа
петок, 29 октомври 2021 08:04
Белград, 29.10.2021 година
Линк: https://bit.ly/312RiKv
Господине Димитров, добредојдовте во програмата на Еуроњуз, еве би почнал од прашањата и од последните вести, а тоа е прилично позитивниот извештај од ЕК во С. Македонија. Меѓутоа, тој доаѓа заедно со веста дека и понатаму стои блокадата од Бугарија. Какво е значењето на така позитивниот извештај, кога во некои делови се повторува онаа ситуација со Грција.
Македонскиот пат кон ЕУ е посебно тежок, за жал. Можеби и најтежок. Почнавме меѓу првите. Практично Договорот за Стабилизација и асоцијација го потпишавме пред Хрватска. Хрватска е членка веќе 8 години, ние не можеме да го почнеме, уште сме пред вратата, чукаме на вратата на процесот. Првиот добар извештај стигна во 2009 година. Значи ние имаме над 10 добри извештаи коишто не се доволни за акција. И во таа смисла, од таа страна, се разбира тој документ е важен, бидејќи е оценка за земјата во однос на реформите. Ние имаме сосем споредливи резултати и со Србија и со Црна Гора- земји коишто се во процесот веќе со години. И во првиот кластер темели и во вториот кластер, и во третиот кластер, и во четвртиот, итн. Меѓутоа тоа што нема акција на некој начин ја намалува тежината на овие извештаи и во извештајот во пакетот на проширување дури и самата Комисија го констатира. Бугарија со својата политика и ветото на некој начин го компромитира македонско-бугарското пријателство, а става вето и на ЕУ кон регионот од коишто се дел. И мислам дека вистина е време за лидерство и одговорност, малку да мислиме сите каде сакаме да биде Балканот 10 години од денес.
Многу граѓани на Северна Македонија се фрустрирани бидејќи сметаат дека се согласиле на голема отстапка со Грција. Гледате ли одговорност кај вашата Влада што не предвидовте дека Бугарија ќе тргне на овој пат. Кога го решававте прашањето со Грција зошто не го решивте прашањето со Бугарија?
Одлично прашање. Ние практично го решивме прашањето со Бугарија и потпишавме Договор за пријателство прво со Бугарија, за да се свртиме понатаму кон Грција да го решиме големиот проблем. Членот 2 од тој Договор вели дека Бугарија ќе ни помага по патот кон ЕУ. Како и да го толкуваме зборот „помага“, сигурно не значи блокирање и вето, и на некој начин со оваа политика Бугарија го прекршува Договорот што го склучивме за добрососедство, пријателство и соработка, и од аспект на помош на европскиот пат и од аспект на немешање во внатрешни работи, бидејќи македонскиот идентитет, македонскиот јазик е наша работа. Тоа не е прашање за трета држава.
Како ги опишувате односите на Белград и Скопје, имајќи предвид дека кога Заев ја презема премиерската функција тоа не одеше глатко, имавме и кампања во таблоидите во Србија против него, а сега имаме Отворен Балкан во кој се вклучени и Заев и Вучиќ.
Мислам дека се односите пријателски. Ние и со Србија имаме заедничко минато, бевме дел од бившата федерација. И со Србија сакаме да имаме заедничка иднина во смисла на ЕУ, заедничка европска иднина. Точно е дека имаше одредени извесни... иако јас никогаш не разбрав до крај кој е вистинскиот проблем. На почетокот, зборуваме за 2017/18 година бидејќи ние немаме реални недоразбирања меѓу двете земји. Точно е дека сега има многу поголемо разбирање, има почести средби, посети итн.
Најавува господинот Заев дека доколку на локалните избори во недела не биде освоено Скопје, тој ќе се повлече од премиерската функција. Во тоа светло, дали сте Вие идниот можен премиер на Северна Македонија?
Не знам од каде, ме изненадивте искрено со прашањето. Јас имам една специфична ситуација бидејќи не сум во партија, а зборуваме за локални избори. Мојата лична мисија и кауза и улогата да речеме во политиката е стратешкиот курс којшто ние го почнавме во раните 90ти - да влеземе во НАТО, што за нас значи столбовите и покривот на куќата и да влеземе во ЕУ за да го средиме домот внатре. Така што локалните избори треба по дефиниција да бидат за локални теми, меѓутоа факт е дека и перцепциите за централната власт влијаат врз локалните избори. Да видиме што ќе се случи. Обично е неблагодарно да се прогнозира, имаме во недела избори.