Интервјуа
петок, 29 октомври 2021 11:35
Белград, 28.10.2021 година
Линк: https://rs.n1info.com/region/intervju-n1-nikola-dimitrov/
Добар ден и добредојдовте во Белград. Како ги оценувате односите Белград-Скопје. Кои се предизвиците и проблемите?
Не би кажал дека има некои посебни проблеми.Мислам дека има разбирање, мислам дека имаме повеќе или помалку заеднички цели. Имаме заедничка историја, минато, сакаме да имаме заедничка европска иднина. Србија тргна по тој пат, ги започна пристапните преговори, за жал ние сé уште чекаме и тропаме на таа врата, иако меѓу првите во регионот го започнавме процесот. Поминаа 20 години откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, пред Хрватска. Хрватска годинава прави осум години членство, а ние сé уште не сме го започнале тој процес. Главната пречка беше Грција како што знаеме и проблемот со името, ние го решивме тоа. И во моментот кога навистина ни требаше успех, сега, за жал, уште еден сосед, Бугарија, ни создава нова пречка. Заедно со Белград сме во иницијативата „Отворен Балкан“. Мислам дека тоа отвора дополнителни можности за соработка, за да имаме чести контакти и средби.
И Северна Македонија, и Србија и Албанија се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, сами го спомнавте „Отворен Балкан“, така што цел е некоја поблиска соработка. Дали иницијативата повеќе помага, ги приближува европските интеграции или напротив, ги оддалечува и упатува од едни на друга?
Ние иако понекогаш сакаме и мислиме дека сме, ние не сме центар на универзумот. Европа има други, внатрешни проблеми, проблеми со одлучувањето и функционирањето. И можеби легитимното прашање е дали со влезот на шесте држави на таканаречениот Западен Балкан ние ќе донесеме некоја вредност и решенија или ќе донесеме повеќе проблеми. Така што ние како регион имаме интерес да покажеме дека носиме решенија, дека сме доволно свесни да си преземеме сами одговорност, да си ги решиме нашите проблеми. Колку повеќе соработуваме, толку стануваме повредни во очите на овие земји членки. Така е и во економска смисла. Заедничкиот регионален пазар е на некој начин подготовка за влез на заедничкиот европски пазар. Важно е оваа иницијатива да биде отворена за сите бидејќи е малку тешко да се зборува за регионална соработка ако регионот цел не е вклучен. Исто така, факт е дека од тоа има очигледни позитивни придобивки, на пример, договор за взаемна помош при природни катастрофи. Мислам дека оваа иницијатива ни помага како гледаат на нас во голем дел.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ генерално не прават јасна разлика меѓу Србија и Северна Македонија. Имиџот и перцепцијата за регионот е приближно иста. И затоа ни одговара, и од себична страна, кога има добри вести од Белград, од Подгорица. Колку повеќе добри вести од една земја, толку подобро за целиот регион. Со тоа што треба малку да се придвижиме на дела. Многу зборуваме за регионална соработка, а сепак имаме големи, очигледни проблеми. Повремено избиваат на површина, па ги победуваме, па пак избиваат, пак ги победуваме.
Како гледате на последниот извештај на Европската комисија во однос на напредокот за членство на земјите од регионот?
Тој извештај кај нас македонските граѓани го чекаа со големо нетрпение во минатото. Тоа беше на некој начин оценка важна за Владата, важна за народот. За жал ние имаме лошо искуство бидејќи првиот позитивен извештај дека сме спремни за пристапни преговори дојде пред 12 години - 2009. И од тогаш имаме серија на позитивни извештаи, а нема акција. Тоа не се отсликува во процесот на преговорите. Така што, на некој начин, се разбира, подобро е да се има добар извештај отколку негативен, меѓутоа земјите-членки не го следат тоа што го препорачува Комисијата. Тежината на извештајот паѓа. Мораме да се соочиме со реалноста, дека европсктие интеграции на регионот се во криза , опаѓа довербата и бледнее европското верување од Солун 2003. Луѓето со право се прашуваат дали е ова вистина, дали е реално еден ден да станеме дел од Европската Унија. Мислам дека ова треба да нé загрижува и искрен да разговараме околу тоа.
Северна Македонија е веќе многу долго е кандидатка за членство. Како реагираат граѓаните на тоа, дали се разочарани?
Разочарани се, загрижени се поддршката постепено опаѓа, таа е сè уште голема, меѓутоа постепено паѓа. И довербата дека е ова возможно постепено паѓа. Тоа истовремено ги прави овие политички сили коишто се проевропски и прореформски послаби и мислам дека и ние и ЕУ делиме одговорност европското гласачко ливче да го направиме победничко. Ние направивме големи чекори, решивме проблем што беше многу тежок со Грција. Меѓу другото ветивме НАТО членство, што се случи, но ветивме почеток на пристапни преговори. Многу е важно тоа ветување да се исполни. Ние тоа ветување не го дадовме туку така, не ни падна тоа ветување од небо туку се потпиравме на Брисел и на главните европски градови. Кога тие не испорачаа кон нас, ние не можеме да испорачаме кон граѓаните, кон македонскиот народ и сите што живеат во Северна Македонија. Ова ја искривува приказната и ни прави огромен проблем. Ако Европската Унија е куќа која има куќен ред, електрични инсталации, вода, ние сме една соба во таа куќа која е надвор од куќниот ред. И тоа не е само наш проблем, ако таму е топло, а овде е ладно, тоа влијае на температурата на целата куќа, вели тој. За Европа или ЕУ е многу поскапо да го игнорираат Балканот отколку сериозно да се ангажираат и да ни помогнат да го направиме европски - европски во смисла на здрава демократија, правда, слободни медиуми, човекови права, европски стандарди. Да ја донесеме Европа. Затоа што ако не го сториме тоа, младите ќе ја бараат својата иднина некаде надвор од државата.
Споменавте дека Бугарија го блокира членството. Пред две недели изјавивте дека Бугарија не е пријателска земја. Дали мислите дека ќе продолжи со блокадата?
За интервју за Би-Би-Си бев прашан, Ваш колега ме праша, кога веќе ја спомнавте Бугарија, дали сме уште пријатели. Јас кажав дека тие со својата политика го прават потешко, бидејќи не може да биде пријателско да му го негирате јазикот на вашиот сосед, да не му го прифаќате правото на самоопределување. Јас, Никола, сум Македонец, Балканец, Европеец, и на некој начин граѓанин на светот. Во мојот идентитет не дозволувам да ми се меша ни мојата држава, а не па некоја трета држава. Така што, на мене ми е јасно дека земјите-членки имаат свои национални интереси и сакаат тие да си ги завршат користејќи ја својата тежина како земја-членка на Унијата, каде што сакаме ние да дојдеме. Меѓутоа, мора да има некаква пристојност во барањата. На пример, што ќе се случи ако земја членка бара од нас да ѝ дадеме дел од нашата земја утре. Значи мора да има некаква релација меѓу барањето и вредностите на ЕУ. Мислам дека Лисабонскиот договор, еден од уставните столбови на ЕУ, наведува дека европскиот континент е континент на кој се празнува културната и јазичната различност. Сега македонскиот јазик не може да биде проблем ако одиме кон организација која ја слави различноста, лингвистичка или јазична, итн. Не може да се поставуваат антиевропски услови на патот кон Европската Унија, ако Унијата е сè уште европска. Ние сме во класична ситуација кога историските прашања, кои не се актуелни во 2021 година, кои можеби беа актуелни на почетокот на 19 век, ја држат во заложништво иднината. Не можеме да го промениме минатото, ниту пак географијата. Единственото нешто што можеме да го промениме е денес и утре. Се надевам дека ќе направиме, влогот е огромен. Бугарија со тоа што го однесе во Брисел, билатералното прашање го претвори во европско. Не сме само ние блокирани, блокирана е политиката на Европската Унија кон Балканот, кон регионот.