Интервјуа
четврток, 17 декември 2020 03:22
Со децении слушаме дека ЕУ пред се’ е заедница на вредности. Но, кога Унијата не ги исполнува ветувањата во оние случаи кадешто понатамошниот напредок кон членството во ЕУ е целосно заслужен, а мислам дека македонското искуство е совршен пример на една ваква ситуација, довербата во европската посветеност на регионот драматично се намалува. Во тој случај, мораме да ја ставиме „европската перспектива“ во перспектива.
Минатата недела, и покрај очекувањата, во Брисел не се одржа првата меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија, којашто ќе го означеше формалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ. На отворањето на преговорите со Владата во Скопје се спротивстави Бугарија заради, како што велат, отворените прашања со Северна Македонија околу јазикот и историјата. До затворањето на овој број на НИН не беше познато дали Софија, под притисок на Берлин, сепак ќе се откаже од ветото и ќе овозможи понатамошен напредок на Северна Македонија кон членството во ЕУ.
За бугарското вето, европската интеграција на Северна Македонија, билатералните односи Скопје – Белград и за други прашања, за НИН зборуваше Никола Димитров, потпретседател на Владата на Северна Македонија за евроинтеграции, министер за надворешни работи од 2017 година до август 2020 година, и архитект на историскиот Преспански договор со Грција од 2018 година, и Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година. Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Мaкедонија стапи на сила на почетокот на 2004 година, цела година пред Хрватска и осум години пред Србија. Заради спорот со Грција околу името на државата, Македонците на влезот во НАТО и на следниот посериозен чекор на, како што го нарекува Димитров, „неверојатно брдовитиот пат“ до членството во ЕУ, чекаа цели петнаесет години.
Преспанскиот договор со Грција од јуни 2018 година, го реши триесетгодишниот спор меѓу Скопје и Атина и, како што се чинеше во тоа време, конечно на Северна Македонија и’ ја отвори перспективата за членство во ЕУ. Оптимизмот во Скопје траеше кусо, бидејќи на европскиот пат на земјата набрзо се појавија нови пречки. Прво, Франција го попречуваше отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија цела година, за а вето штафетата од Атина и Париз сега да ја преземe Софија, ставајќи ги пристапните преговори со ЕУ во „политичко заробеништво“. И покрај фактот дека годишниот извештај на Фридом Хаус од 2018 година ја означи Северна Македонија како ретка „светла точка“ во поширокиот европски контекст, демократското закрепнување на земјата кое во 2017 година го започна Владата предводена од премиерот Зоран Заев, досега од ЕУ не беше соодветно наградено, па се поставува легитимното прашање дали заради изневерените ветувања, Македонците, како што ни рече Димитров, „европската перспектива ќе ја стават во перспектива“.
Бугарија минатата недела го блокираше почетокот на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ, како што е наведено во Софија, поради отворените историски и јазични прашања кои ги имаат вашите две земји. Кои се тие, според вас, отворени или спорни прашања?
Главниот проблем е што под превезот на добрососедските односи и европската интеграција, Бугарија отвори прашања коишто во својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, - како што вели Хари Труман. Ако соседот ви го оспорува јазикот, нешто што е исклучиво ваша суверена работа, и што во никој случај не може да биде предмет на признавање или негирање од друга држава, тоа никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован врз заемно почитување. Како може нашиот македонски јазик да биде проблем за интеграција во ЕУ, во еден сојуз којшто ја слави и негува културната и јазичната разновидност на европските народи како своја фундаментална вредност? Доведувајќи го во прашање идентитетот на македонскиот народ истовремено се загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто ќе постоеше ЕУ, доколку предуслов за нејзиното создавање ќе беше сите земји членки да имаат потполно исти ставови за сите историски прашања? За голем дел од земјите членки на ЕУ овие спорови се целосно нерационални и неразбирливи.
Како политичар кој заедно со премиерот Зоран Заев, претставува персонификација на македонскиот пат кон членството во ЕУ, како лично ја доживеавте оваа одлука?
За мене ова е многу тежок период, како на професионален, така и на личен план. Вложив многу личен труд и време, па ако сакате, и емотивна енергија, во овој процес. Најнапред Договорот од Преспа, кој понекогаш се чинеше поедеднакво невозможен, а сега е пример во светот, па Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, за којшто мислевме дека овозможува решенија за сите отворени прашања со Софија, а потоа француската блокада и промена на методологијата за пристапните преговори за членство во ЕУ ... Еден предизвик по друг. На крајот, овој предизвик со Бугарија ... Патот на Македонија до членството во ЕУ е неверојатно брдовит. Сепак мислам дека ова се битки на нашата генерација и дека тука нема место за дефетизам. Ако успееме во овој период да направиме суштински чекор кон европеизација на нашето општество, тоа ќе биде најдоброто што може да го направиме за сите наши земји, и најдоброто наследство за нашите деца. Впрочем, нешто што е вистински вредно и големо, не се постигнува лесно.
Одлуката за одржување на Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е одложена за март 2021 година, кога Португалија ќе претседава со ЕУ. Што треба да се случи дотогаш за Бугарија да се откаже од блокадата?
Мора да работиме истрајно на сите отворени прашања. Не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и европските вредности да се претвори во наш пораз. Мора да покажеме дека сме возрасни земји кои можат да решаваат отворени прашања на европски начин, со меѓусебно разбирање, но и почит. Мораме да ја зајакнеме имплементацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, но и промоцијата на таа имплементација, затоа што имам впечаток дека тоа не го покажавме доволно , иако направивме многу. Потоа, треба да ги продолжиме разговорите во рамките на Комисијата за историски прашања, но меѓу историчарите, а не меѓу политичарите. Потоа, тука се реформите. Процесот на интеграција во ЕУ не е само процес на формални чекори кон членство во Унијата, туку и домашна трансформација. Одложувањето на едниот, за нас не смее да значи прекинување на другиот, според мене поважен процес. На крајот, мора да работиме со нашите сојузници во ЕУ, со цел земјите членки што побргу да најдат сила да ги заштитат принципите што беа прекршени овој пат, и како би успеале да ја убедат Бугарија да ги отстрани билатералните прашања од преговорите и да го ослободи процесот на пристапување од политичкото заробеништво во кое сега се наоѓа. Европа мора да води со сопствен пример. Унијата не е и не смее да биде само еден џиновски пазар. Со децении слушаме дека ЕУ пред се’ е една заедница на вредности. Ако е така, тогаш не смее да дозволи процесот на евроинтеграција да се инструментализира против правото на македонскиот народ на самоопределување.
Во Србија и регионот, бугарското вето ги продлабочи негативните чувства кон ЕУ. Луѓето велат: погледнете што им прават на Македонците. Прво заради Грците мораа да го сменат името на земјата, сега Бугарите бараат од нив да ја сменат историјата ... ако продолжат вака, никој од нас никогаш нема да влезе во ЕУ. Дури и најголемите поборници на евроинтеграцијата се вртат против ЕУ. Какви се реакциите на оваа одлука во Северна Македонија?
Реакциите се слични и поостри. Токму овој песимизам и ризик да ги претворат еврофилите во евроскептици, или дури и еврофоби, меѓу граѓаните, но и во рамките на политичките елити, е најголемиот проблем на овој неуспех на ЕУ. За Балканот не постои друг пат освен оној што води кон членство во ЕУ, но тој пат мора да биде отворен, мора да функционира, мора да постои можност за напредок, бидејќи противниците на овој напредок се неуморни, и дома и во странство. Колку повеќе Европа ги исполнува своите ветувања, толку повеќе сите ние во регионот ќе веруваме во неа. Ние сите видовме како една поранешна блокада (во Букурешт 2008 година – НАТО Самитот на кој Грција стави вето на понатамошниот напредок на тогашната Република Македонија кон членството во оваа организација) може да предизвика целосна политичка декаденција и назадување кон тоталитаризмот и национализмот. Ни беше потребна една деценија да се опоравиме од тоа, и сè уште се бориме со тоа политичко наследство. Овој пат мора да му одолееме на искушението свесно да ја прифатиме улогата на жртва. Водејќи зрела политика мора упорно да работиме на тоа да станеме победници.
Интервјуто на Премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвика доста контраверзии, не само во вашата земјата, туку и на просторот на поранешна Југославија, каде што е протолкувано како своевиден убод во срцето на сите југоносталгичари. Како особено проблематични пред сè, издвоени се изјавите дека Југославија претставувала пречка за добрососедските односи помеѓу Македонија и Бугарија, и мислењето дека бугарските трупи во Македонија за време на окупацијата во Втората светска војна биле „администратори“, избегнувајќи да го спомене зборот „окупатор“. Што подразбира оваа изјава, на кој начин Југославија ве раздвојувала?
Ова интервју на Заев беше знак на добра волја кон Бугарија, гест на емпатија и разбирање. Заев отсекогаш бил политичар кој граби напред, тип на „политичар кој крши мраз“, кој не размислува за сопствениот рејтинг кога станува збор за решавање на вакви прашања. Јас тоа интервју така го доживувам. Мислам дека тие позиции не се бинарни: можно е да се обидете да ги разберете бугарските позиции кон Југославија, а притоа не заборавајќи дека ние Македонците имаме заедничка историја и со сите народи од поранешна Југославија. Историски е фактот дека Југославија и Бугарија, во тоа време, беа на различни страни од „железната завеса“ и дека тие позиции веројатно имале влијание врз соработката и блискоста помеѓу земјите. Факт е и дека од денешна перспектива, не можете да ја наречете Бугарија „фашистичка“, ништо повеќе од која било друга држава што во Втората светска војна била на страната на силите на Оската; но подеднакво е точно тоа дека ние Македонците сме ја стекнале својата државност токму во контекст на антифашистичката борба.
Што за Вас претставува Југославија, пред се’ како политичар, но и како човек роден во СФРЈ?
Роден сум во 1972 година. Нашите генерации се сеќаваат главно на добрите страни од тој период, веројатно заради ведрата перспектива на младоста. Тоа придонесува да се чувствувам како дома каде и да сум во регионот. Сепак, мислам дека не е мудро да ја идеализираме Југославија, како што не е мудро да гледаме на нашата поранешна заедничка држава исклучиво низ негативната призма на недемократскиот еднопартиски систем што се распадна на најлош можен начин. Тоа што е сигурно е дека Југославија секогаш ќе биде еден дел од нашето колективно сеќавање, идентитет и култура кои на некој начин ќе не’ поврзуваат на нашиот пат кон заедничка европска иднина.
Љупчо Нешков, бугарски новинар и сопственик на агенцијата БГНЕС, во емисијата на бугарската телевизија, Bulgaria Onair, Вас ве наведе како главен виновник за кризата во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, додавајќи дека вие сте „поопасен од корона вирусот“. Што имате да кажете на овие обвинувања?
Не ме засега многу, бидејќи мојата работа, но и животната определба, е да ги бранам интересите на мојата земја најдобро што умеам и знам. Ако сум бил успешен во тоа, сметам дека е нормално од другата страна да се појават одредени фрустрации. Убеден сум дека заштитата на идентитетот и достоинството на македонскиот народ, европската интеграција на Северна Македонија и пријателството со Бугарија, како и со сите други соседи, се потполно компатибилни процеси. За тој „вирус“ нема и никогаш нема да има вакцина.
Билатералните спорови меѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати не се единствената пречка во пристапните преговори. Не е тајна дека во текот на целата 2019 година, без оглед на зеленото светло на Европската комисија и повеќето земји на ЕУ, Франција беше против отворањето на преговори со Албанија и Северна Македонија. Никој не гарантира дека владите во другите земји на ЕУ, што се скептични околу проширувањето, ќе продолжат од внатрешно политички причини да го блокираат овој процес. Дали во ЕУ постои искрена желба Западен Балкан да биде дел од европското семејство?
Во изминатиов период бевме сведоци на внатрешните проблеми со кои се соочува ЕУ. Од таа перспектива, можеби на проширувањето во некои земји членки се гледаше како на дополнителна главоболка. И вака ни е тешко, а како ли ќе биде уште и со дополнителни членки? Нашата задача е да ги убедиме преку одлучни реформи дома дека европеизацијата на Западен Балкан е во нивен интерес. Географската положба на Западниот Балкан нè прави нераскинлив дел од европската безбедносна и економска сложувалка. Проширувањето не е вистинскиот збор за процесот кој води кон членството на Западниот Балкан во ЕУ. Ние сме опкружени со земји на Унијата, претежно тргуваме со европскиот пазар и тогаш кога сите балкански земји ќе станат членки на Унијата, надворешните граници на ЕУ нема да се променат, тие ќе останат исти. Затоа треба да зборуваме за комплетирање на ЕУ, наместо за нејзино проширување. Но, кога Европската Унија не ги исполнува ветувањата во случаи во кои понатамошниот напредок кон членството во ЕУ е целосно заслужен, а мислам дека македонското искуство е совршен пример на една ваква ситуација, довербата во европската посветеност на регионот драматично се намалува. Во тој случај, мораме да ја ставиме „европската перспектива“ во перспектива.
Како ги оценувате односите на Северна Македонија и Србија?
Како пример на две соседни земји кои иако за некои прашања имаат различни позиции, како што е во случајот за членството во НАТО, тие сепак можат да соработуваат и да имаат добри односи. Ние имаме заедничко минато и заедничка европска иднина. Понекогаш, на шега велам дека односите на нашите народи се толку пријателски што не можат да се расипат и покрај големите напори на политичарите да ги расипеме.
Северна Македонија, би се рекло, стори сé за да влезе во НАТО, додека српските политичари инсистираат на политика на „воена неутралност“. Според истражувањето на Институтот за европски работи од почетокот на 2020 година, 77 проценти од српските граѓани се спротивставуваат на членството на нашата земја во НАТО, додека нешто помал процент на граѓани на Србија (64,8) не сметаат дека Србија може да има корист од членство во НАТО. Зошто за вас во Северна Македонија беше од толкаво значење да влезете во оваа воена алијанса?
Зачленувањето во НАТО е еден од најважните чекори во македонската историја кој става точка на дилемите околу долгорочната стабилност на државата и иднината на нашата нација, а да не ги споменувам економските и демократските придобивки што ова членство ги носи со себе. Тоа беше наша стратешка цел уште од 1993 година, кога сите политички партии едногласно ја усвоија декларацијата во таа смисла, тоа е цел која сите овие години беше сесрдно поддржана од огромно мнозинство наши граѓани. Во политичка смисла, нашето членство во НАТО е јасен сигнал дека иднината на нашата земја ја гледаме во заедница со Западот.