Димитров за Н1 Сараево: „Македонскиот идентитет е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме”
петок, 27 ноември 2020 10:47
- Ова е прашање веројатно посоодветно за претставник на Бугарија, меѓутоа се разбира дека можам и јас нешто да кажам околу ова. И во самото прашање ја употребивте придавката ваш јазик, ваша историја. Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните работи, на суверенитетот на една држава бидејќи е израз на правото на самоопределување, и во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава има било каква правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, една од темелните вредности. Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков јазик... каков мајчин јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик. Ние имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, со Софија, и идејата беше историјата нека ја разговараат историчарите, а политиката да работи на денес и на подобро утре. Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: „убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор“. И во таа смисла овие билатерални прашања се важни, работата на комисијата за историја е важна, ние во овие денови работиме, имаме отворено билатерални канали за да најдеме излез од ова прашање, меѓутоа решението не може да влијае врз нашето право на самоопределување. Македонскиот идентитет е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме. Истовремено мислам дека е важно, оти го начнавте и тоа, ова е една лоша порака за целиот регион. Ние добивме чисто зелено светло во март. Во оперативниот параграф на одлуката за почеток на пристапни преговори од Европскиот совет, нема услови за нашата Македонија, за Северна Македонија, и во оваа смисла, многу лошо е бидејќи на некој начин невозможноста да се постигне консензус испраќа порака дека кредибилитетот на Европската Унија не е таков каков што би сакале да биде. Европската Унија за овие прашања одлучува со консензус, како што спомна германскиот министер за европски прашања кој што го води телото за општи работи (ГАК) Михаел Рот, сите држави освен една (Бугарија) - го поддржаа почетокот на пристапните преговори и првата меѓувладина конференција во декември, напорите уште продолжуваат. Меѓутоа ние немаме намера да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак имаме намера да го допреме, или да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет. Тие две работи се комплементарни и ќе продолжиме да работиме на тој пат. Ние изгубивме генерации чекајќи околу проблемот со Грција, потоа имавме две години со француската иницијатива да направи нова методологија на процесот на проширување, на пристапниот процес, и сега го имаме овој предизвик. Ќе биде лошо ако целата енергија ја посветиме на чекање. Мислам дека би сакале се разбира да успееме, меѓутоа ако не успееме ќе ја искористиме добрата волја во многу европски главни градови, ќе ги повикаме земјите членки да ни помогнат и ќе направиме една реформска агенда за да бидеме во добра кондиција тогаш кога ќе се променат околностите кон подобро. Немаме многу време, мислам дека немаме многу време не само кај нас, туку во целиот регион. Единствено решение младите луѓе да не ни одат во европски држави е нашите држави да ги направиме европски и мораме на тоа да работиме забрзано, немаме многу време, на некој начин сме во трка со времето во оваа смисла.
- Ние во моментов имаме отворено канал, билатерален, со Софија каде се обидуваме да најдеме излез од ова решение. Истовремено сме во контакт со Европската комисија, со германското претседателство, со Берлин, и со многу други земји членки бидејќи прашањето беше ставено на маса, на европската маса, од страна на Бугарија, иако, како што многу од нашите европски пријатели велат: „овие билатерлани прашања треба да се решаваат билатерално, не треба да го држат во заложништво целиот пристапен процес“. Така што работиме и на двата канала, и на билатералниот канал, и тука се обидуваме да најдеме излез од ова, и на европските да речеме земји членки, претседателството и Европската комисија. Ние почнавме многу голем процес со Бугарија преку договорот за пријателство, нивното претседателство помогна многу да се врати процесот на проширување на агендата на Европската Унија. Тие одржаа самит 15 години после самитот во Солун, во Софија во мај 2018 година и на некој начин тој влог е исто така под знак прашање. Сето тоа што го постигнавме заедно сега е соочено со еден ваков предизвик и јас сум убеден дека е можно достоинствено и европско решение и ние да бидеме победници, и Европа да биде победник, и регионот да биде победник, и наша соседна Бугарија да биде победник.
- Добро прашање, еден од аргументите е дека ние сме сојузници, формално од март годинава ние сме рамноправна членка на НАТО и оттука сме блиски сојузници и со соседна Бугарија. Нашиот јазик, македонксиот јазик и македонскиот идентитет не е закана за никого, за ниту еден сосед, ние не се мешаме во јазиците и во идентитетите на било кој друг, 2020 година сме, во Европа сме, 21 век, дискусијата на државите би требало да се одвива во рамката на тоа што е пристојно, во рамката на меѓународното право, на европските вредности. Зборуваме многу за заедничка историја, за заедничко минато, меѓутоа треба да работиме и на заедничка европска иднина. Кога седите на масата, се разбира позицијата ви е посилна. Ние седиме на масата на НАТО и тука сме рамноправни, нормално дека во преговарачката позиција на Софија таа има подобра ситуација бидејќи е членка на ЕУ, меѓутоа суштински и долгорочно мислам имаме многу блиски интереси. Сакаме да бидеме пријатели, сакаме да имаме плодна економска соработка, мислам дека Бугарија има интерес од европеизација на своето соседство, на регионот каде и тие се дел на да речеме поширокиот регион на Балканот или Источен и Западен Балкан, така што порано или подоцна мислам дека ќе најдеме заеднички јазик. Во крајна линија, македонскиот и бугарскиот јазик се блиски и тоа би требало да ни помогне да се разбереме подобро, а не токму јазиците да бидат предмет на неразбирање.
- Апсолутно мислам дека тој напор што трае практично од ‘93та година, значи цели 27 години имаше и зошто. Членството во НАТО дава едно чувство на сигурност и на предвидливост. Тоа чувство на сигурност и на предвидливост дека македонската држава е тука, и во овие граници, и ќе остане тука и за 5 години, и за 10 години, и за 50 години итн. помага во многу нешта, меѓу другото тоа е добар сигнал и за странските инвеститори кои што меѓу другото гледаат каква е политичката стабилност, што е тоа што би можело покрупно да се смени во нивните планови за инвестирање, бидејќи големите планови за инвестирање обично ги прават на повеќе години, значи на еден подолгорочен временски период.
- Имаше, посебно пред пандемијата, многу голем интерес од странките инвеститори. Тој уште постои. Меѓутоа, за жал, нашите планови да имаме една голема успешна економска година беа пресретнати од КОВИД-19. Мислам дека штетите сепак успеавме да ги рационализираме, да ги намалиме. Нема да бидат преголеми, но, за жал, планот да имаме исклучително позитивна година за македонската економија, меѓу другото, и поради членството во НАТО, нема да може да се исполни, пред сè заради рестриктивните мерки што моравме да ги воведеме за да се справиме со здравствената ситуација. Така што и ние, како и сите други влади во светот, се мачиме во тој баланс меѓу заштита на здравјето и животот и заштита на економијата.
- Ние со новата грчка влада успеавме да изградиме еден однос на разбирање и доверба. Договорот е ратификуван во двата парламенти pacta sunt servanda, тој треба да се извршува. Меѓу другото, Преспа беше возможна токму заради тоа што кон нашето име Македонија ја додадовме географската одредница Северна, заради тоа што идентитетот остана недопрен. Во Преспа е македонскиот јазик и нашето право на самоопределување како македонски народ, како Македонци. Така што оние кои прават компарација и кои велат „ако доволно долго ги притиснеме, пак ќе може да има ...компромис прават на некој начин“, ние велиме „сметка без крчма“ бидејќи македонскиот идентитет е нешто околу кое што не можеме да направиме компромис без разлика со каков притисок би се соочиле и ќе се соочиме. Ниту оваа влада, ниту било која идна влада. Со Грција... Можеби уште 2-3 реченици околу тоа... Отворивме една нова страница во нашите односи. Ние заради проблемот имаме многу малку од договорната рамка. Во моментот работиме на договор за избегнување на двојното оданочување за грчките бизниси кај нас и обратно. Ова е важно прашање. Работиме на гасоводно поврзување со Грција и нашата географска положба ќе помогне грчките пристаништа сето тоа... зашто Грција може да биде извор да поминува низ нас кон остатокот од регионот. Така што имаме доста заеднички интереси. Меѓу другото, работиме и на нови гранични премини и во делот на Охрид и преспанскиот регион што ќе го зајакне овој природно исклучително прекрасен регион и ќе го направи поатрактивен за туризам, за локален развој итн. Така што има доста иницијативи на кои што работиме кои што се, исто така, забавени заради пандемијата.
- Со Босна и Херцеговина, исто така, имаме заедничка историја и јас сум убеден дека имаме, исто така, заедничка европска иднина. И Сараево и Скопје сакаме да одиме кон Европската Унија. Мислам дека нема ниту едно отворено прашање, нема ниту еден проблем во односите со БиХ. Јас немам протоколарен список на посети тука, но убеден сум дека нема град од... Нашиот премиер, премиерот Заев, мислам дека има најмногу посети токму на Сараево, што официјални што неофицијални. Имаме многу лични пријателства и со политиката и со невладиниот сектор. Јас исто лично со невладиниот сектор на лична основа меѓу македонските граѓани и граѓаните на БиХ. Се обидуваме да помогнеме таму каде што можеме. Меѓу другото, со ко-претседавањето на Берлинскиот процес, една од потенцијалните придобивки е воведувањето на четирите слободи – слобода на движење на луѓе, на производи, на капитал и на услуги во нашиот регион и во делот на слобода на движење на луѓе предлагаме еден регионален договор каде граѓаните на било која држава од западниот Балкан ќе може да одат во било која друга држава само со лична карта и во таа смисла тоа ќе помогне доколку остане оваа изразена политичка волја и нема веќе да имаме визни режими во нашиот регион. Ние не сме голем регион, ние не сме големи држави. И ако сите сме горди со тоа кои сме и какви ни се државите добрата вест и напредокот на една од нас е добра вест и е напредок за сите нас како за регион. Сите се соочуваме со слични проблеми и на некој начин успехот на една ќе помогне и за сите. Јас искрено секогаш се радувам за добра вест за било која држава од регионот. Економската соработка е поле каде што можеме повеќе и често странците ми велат „За да дојдам од Сараево во Скопје или од Скопје во Сараево некогаш ми треба повеќевреме, отколку да одам од Сараево во Њујорк или од Вашингтон во Скопје. Воздушната линија се обидувавме да ја воспоставиме некако. Баравме авиокомпанија која што ќе биде заинтересирана. Можеби на три точки – Сараево, Подгорица и Скопје и мислам дека тоа е прашање што мора да го решиме. Сега условите не се лесни за авиокомпаниите. Ќе мора да чекаме да го победиме прво КОВИД-19. Меѓутоа, после тоа , тоа ќе помогне и за бизнисот и за луѓето и за поврзаноста една воздушна линија.
- Апсолутно.
- Ние имавме неколку регионални иницијативи од разни да речеме инспирирани или иницирани од различни политички фактори. Во принцип сè додека е јасно дека поинтензивна економска интерграција на регионот не е цел само сама по себе, туку еден вид чекор или мост кон вистинската цел – европска интеграција, тогаш нема ништо лошо во тоа повеќе да соработуваме. Спомнавме малку за нашата географија. Има многу граници во нашиот регион и во смисла на интензивирање на економијата секогаш е добро транспортот да не чека. Документите од една држава во смисла на, не знам, сертификат за храна, некаква друга потврда да биде прифатена и во другите држави. И во таа смисла, иницијативите, мини шенген, економската област што беше дискутирана и иницирана во рамките на Берлинскиот процес и другите иницијативи на некој начин се окрупнија со декларацијата од Самитот во Софија неодамна на Берлинскиот процес, каде се зборува за регионален економски пазар со овие четири слободи што веќе ги споменав. И мислам дека е важно овие регионални иницијативи да ги опфаќаат сите држави во регионот. Важно е да знаеме кои што водат, дека не се цел сама по себе туку се да го направи нашиот регион поатрактивен економски за европските компании и за другите компании и да нè научи да соработуваме бидејќи во иднина исто така ќе треба да соработуваме и во Европа. И да биде еден чекор кон финалната цел, а тоа е интеграцијата со европскиот пазар и членството во ЕУ. И во таа смисла мислам дека во последниве недели работите одат во правец на надминување на овие предизвици од последниве две години, односно овие регионални иницијативи.
- Ние имавме... Прво, би сакал да кажам дека имавме поддршка и од... сè уште актуелната администрација во однос на НАТО членството што беше многу важно. Државниот секретар Помпео беше и гостин, дојде во Охрид и имавме неколку средби и во Вашингтон и Брисел, ако не се лажам, но во однос на избраниот претседател Бајден последната средба ја одржавме... јас бев дел од делегацијата, Премиерот Заев ја имаше на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Имавме еден заеднички работен доручек, разговаравме многу за Балканот, тогаш уште не бевме дел од НАТО алијансата разговаравме и за тоа прашање. Избраниот претседател Бајден покажа големо познавање, големи симпатии за нашите цели и мислам дека Балканот веројатно може да очекува дури и поголемо американско присуство кое што ќе биде на линија на стабилност, одење напред кон интеграциите, затварање на проблемите на еден одржлив начин, на еден долгорочен начин, така што очекувам поддршка на администрацијата на Бајден во многу од важните прашања во нашиот регион. Тоа беше впечатокот што го стекнавме кога се видовме во Минхен.
Благодарам многу на поканата и голем поздрав до вас и до сите гледачи на Н1 телевизија