Новости
понеделник, 11 март 2013 06:28
Денеска заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими се сретна со Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Лоренс Оер.
За време на средбата во Секретаријатот за Европски прашања, соговорниците ја потврдија одличната соработка меѓу двете влади, како и соработката помеѓу секретаријатот за Европски прашања и амбасадата на Република Франција во Македонија. Во тој контекст, вицепремиерот Бесими ја истакна неговата посветеност и подготвеност за натамошно продолжување на соработката која е веќе започната и е документирана со меморандум за соработка, со цел завршување на стратегијата за комуникација во врска со ИПА и размена на искуства за комуникација.
На средбата акцент се стави на значајноста на продлабочување и проширување на соработката помеѓу двете влади, во насока на поддршка за Република Македонија во патот кон Европската Унија, врз принципот на партнерство, на отвореност и конструктивност.
На крајот, соговорниците го потенцира значењето за Република Македонија во овој период да покаже напредок кон започнувањето на преговорите со Европска Унија и унапредувањето на реформите, како и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес за преку дијалог да се надминат сите предизвици кон остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, а тие се Евро-интеграциите.
После состанокот, во насока на потврдување на билатералната соработка, Заменик Претседателот на Владата д-р Фатмир Бесими и амбасадорот на Република Франција Лоренс Оер, заедно ја посетија работилницата на тема “Како да се креира добар настан за јавноста” која се одржува до 06 Март во Центарот за обуки на Секретаријатот за Европски прашања, а се организира во соработка со Француската Амбасада, во рамки на билатералната административна спогодба помеѓу Секретаријатот за Европски прашања и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија.
Со ова вицепремиерот Бесими и амбасадорот Оер лично се уверија за стручноста и професионалното ниво на одржувањето на обуката, што потврдува дека преку одлична соработка на вакви и слични начини може да се проследат знаења и искуства од земјите членки на Европската Унија до младите генерации на Република Македонија.