Во организација на Министерството за европски прашања денес се одржа работилница на тема „Стратешка комуникација и видливост на реформите поддржани од ЕУ во Северна Македонија“, организирана во рамки на Проектот „Поддршка за реформи на политики, пристапување и ефективност (СУПРАЕ)“, финансиран од Европската Унија. Работилницата беше посветена на Платформата за стратешка комуникација во контекст на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за комуникација и видливост (ПКВ) на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија.
Работилницата беше отворена од страна на Елена Пресилска, посебна советничка во кабинетот на МЕП Муртезани, Магдалена Шарламанов, Оддел за комуникации и прес во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Мојца Грошељ, тим лидерка на ЕУ Проектот „СУПРАЕ“. Обучувач беше Бојан Кордалов, виш експерт за комуникација и видливост, ангажиран во рамките на ЕУ Проектот „СУПРАЕ“, а презентација на Реформската агенда на Северна Македонија и Планот за раст за Западен Балкан беше реализирана од страна на Христина Конеска Бероска, државна советничка во Министерството за европски прашања (МЕП).
На завршната сесија се обрати и МЕП Муртезани, кој им се заблагодари на учесниците за нивната посветеност и активна вклученост. Тој ја нагласи важноста на ефективната комуникација како клучна алатка во процесот на европска интеграција и истакна дека новиот Инструмент за реформи и раст, како дел од Планот за раст за Западен Балкан, претставува значајна можност за унапредување на животниот стандард и отворање нови перспективи за граѓаните.
„Наша одговорност како институции е преку јасни и креативни комуникациски активности да ги доближиме придобивките од реформите до граѓаните. Треба да покажеме дека реформите значат отворање нови работни места, подобар животен стандард и повеќе шанси, особено за младите. Токму затоа, оваа работилница е значаен исчекор во зајакнувањето на институционалната координација. Успехот на нашата комуникација зависи токму од добрата координација меѓу сите институции, медиумите, граѓанското општество и јавноста“, посочи во своето обраќање министерот Муртезани, најавувајќи дека ваквите активности за зајакнување на капацитетите се планира да се интензивираат во следниот период.
Оваа Работилница претставува значаен чекор во насока на градење одржлива и ефективна комуникациска рамка за видливост на реформите поддржани од ЕУ во земјата, како и поттик за понатамошна институционална соработка и јавна поддршка за процесот на европска интеграција, а свое учество земаа претставници од сите релевантни министерства и јавни институции кои ќе бидат директно инволвирани во спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија.
На учесниците им беше претставен и Планот за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија, стратешки документ кој, исто така, е развиен во рамките на проектот „СУПРАЕ“ - поткомпонента за „Комуникација за политиките на земјата, пристапувањето во ЕУ и помошта од ЕУ“, во насока на обезбедување на ефективни, кохерентни комуникациски активности кои се усогласени со финансиските механизми на ЕУ, истовремено интегрирајќи системи за мониторинг, евалуација и ажурирање.