Новости
понеделник, 11 март 2013 06:26
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска се обрати на Меѓународната конференција за судството и Извештајот за напредокот за 2012 година на тема „Избор на вистинската правна форма и други предуслови за успешна судска реформа“, која се организираше од Државниот универзитет во Тетово.
„Реформата на судството и владеењето на правото се важни сегменти на реформскиот процес во нашата земја. Тие се едни од најкомплексните области на правото на ЕУ, а во процесот на преговорите за членство се оценуваат како срце на преговорите“, рече Бесими во своето обраќање.
Во таа насока , нагласи Бесими, Република Македонија измината година имплементираше значајни реформи во судството посебно преку активностите дефинирани со Пристапниот дијалог на високо ниво како што е воспоставувањето на заштитните мерки, намалувањето на бројот на заостанати судски случаи како и зајакнувањето на финансиската независност на судовите.
Сепак имајќи предвид дека реформата на судството е континуирана активност надлежните државни институции продолжуваат со адресирање на препораките за понатамошни реформи во судството согласно Извештајот на Европската Комисија за напредокот за 2012 година.