Интервјуа
недела, 10 септември 2023 10:18
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за грчки „То понтики“ рече дека имаме недвосмислен сигнал за проширување на ЕУ до 2030 година и дека мора да ја искористиме таа можност и да не дозволиме да се блокираме, чекајќи подобри времиња.
- Новата ера во односите меѓу Западен Балкан и Европската Унија е доказ за заемната посветеност на заедничката иднина. Тоа е поглавје дефинирано со верувањето дека со заедничка работа, можеме да изградиме попросперитетна, стабилна и обединета Европа. Западен Балкан не е само на прагот на ЕУ, туку е составен дел на визијата на ЕУ за силен и обединет континент.
- Ова е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат на подобро, поповолни за нас и мислам дека штом ќе ги завршиме нашите обврски, ќе се најдеме во групата на следните членки на ЕУ, додаде Маричиќ.
- Потребна ни е временска рамка и јасен план и мислам дека 2030 година е реален датум за завршување на реформите и на ЕУ и на земјите кандидати кои се во процес. Во спротивно, ако остане како што ветија во Солун, тогаш ќе имаме големо разочарување, рече Маричиќ.
- Стратегијата на ЕУ не само што е реална, туку е и суштинска за конечно решавање на геополитичката динамика во Европа и регионот, со оглед на настаните во изминатата година и половина. Сегашната атмосфера, диспозиција и намерите на европските претставници да ја забрзаат интеграцијата на Западен Балкан во Унијата претставуваат исклучителна можност за сите нас, истакнува Маричиќ.
На прашањето кои се следните чекори што треба Северна Македонија да ги преземи на европскиот пат, вицепремиерот Маричиќ рече дека во оваа фаза, целта е со вредна и одговорна работа во нашите сопствени граници, да ги исполниме критериумите и стандардите на ЕУ, но и да ги надминеме.
- Целосно сме посветени на оваа важна мисија. Примарниот фокус сега е да се создаде политички консензус меѓу сите засегнати страни. Ние разбираме дека надминувањето на предизвиците на овој пат бара единство и заедничка посветеност. Нашите политички лидери, без оглед на нивната припадност, имаат клучна улога во обликувањето на иднината кон која сите се стремиме, вели Маричиќ.
Тој нагласи дека прашањето со Бугарија мора да се решава низ дијалог заснован на европските вредности и принципи, а не врз основа на „кој е посилен“ или кој е член на Унијата, а кој не, укажувајќи дека постои подготвеност да разговараат за отворените прашања со Бугарија во текот на преговорите со ЕУ, но дека во никој случај не се подготвени да се откажат од македонскиот јазик и идентитет.
Понатаму, според Маричиќ мораме да се посветиме на навремено и ефикасно извршување на задачите што претстојат, како дел од евроинтегративниот процес, со што како што вели тој би ја покажале нашата вистинска намера да бидеме вредна членка на Европската Унија.
- На крајот на краиштата, нашата цел со пристапувањето во ЕУ е да ја подобриме благосостојбата на нашите граѓани, да промовираме економски раст и да ги зајакнеме нашите врски со нашите европски соседи. Ние сме целосно посветени на ова патување, а овие следни чекори се доказ за нашата одлучност и решителност. Заедно, градиме посветла и попросперитетна иднина за Северна Македонија во рамките на Европската Унија, рече Маричиќ.
За односите на двете земји пет години после Договорот од Преспа, Маричиќ рече дека Грција и Северна Македонија имаат нова фаза на соработка и помирување, која се карактеризира со целосна трансформација во нивните односи, пријателство, доверба и заедничка посветеност на заеднички напредок.-Наместо недоверба и конфронтации Договорот од Преспа ни помогна во градењето мостови и зајакнување на врските. Договорот од Преспа, кој го реши долгогодишниот спор за името, делуваше како врска меѓу Северна Македонија и Грција. Тоа не само што го расчисти патот за членство на Северна Македонија во НАТО и ЕУ, туку и поттикна атмосфера на добра волја и соработка, нагласи Маричиќ.
Во таа насока рече дека Договорот од Преспа се гледа како модел за успешна дипломатија и инспирација за решавање на билатералните прашања во регионот и пошироко, но и како поттикнувач за интеракција меѓу двете држави и народи. По Преспа имаме широко отворени врати за културна размена и интеракции меѓу луѓето. Тоа го поттикна туризмот, при што граѓаните од двете нации го истражуваат богатото културно наследство и природните убавини. Оваа културна размена го продлабочи разбирањето и пријателствата. Заедничките вложувања создаваат можности за работа и поттикнуваат економски раст од двете страни на границата, заклучи Маричиќ во изјавата за грчкиот медиум „То понтики“.