Интервјуа
понеделник, 19 јуни 2023 08:13
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за „Актуелно“, на македонското радио изјави дека имаме сериозна поддршка од нашите европски партнери, посочувајќи ја резолуцијата донесена во германскиот Бундестаг е крупен чекор и силен сигнал дека не сме сами оставени, кој било вклучувајќи ја Бугарија, да ни го става под прашање идентитетот.
Вицепремиерот кажа дека темата за оспорување на нашиот јазик и идентитет и посебност беше наметната од страна на опозицијата, поточно дека со Францускиот предлог се загрозува нашиот идентитет, но Маричиќ тврди дека тоа нема врска со реалноста и дека тоа ни го верификуваа и потврдија повеќе пати претставници на многу држави членки на ЕУ, упатувајќи ни пораки дека „ЕУ ги заштитува и негува идентитети и дека не постои начин и не постои никаква основа да се верува дека нашиот идентитет ќе биде загрозен во текот на преговорите“.
На прашањето што се работи конкретно во моментов за полноправно членство во Унијата, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ рече дека скрининг процесот се одвива според предвидената динамика и дека работат на трите Патокази, кои се услов за отворање на првиот Кластер кога ќе дојде моментот за почеток на поглавјата, односно за отворање на преговорите во следна фаза, со приоритет на најважни задачи како владеење на право, реформи во јавна администрација и функционирање на демократски институции.
- Скринингот е една значајна задача, значајна фаза и вежба од преговорите бидејќи нам ни помага да ја мобилизираме администрацијата, да воспоставиме работни групи на ниво на државни и јавни службеници. Да направиме анализа до каде сме со законското усогласување но и со институционалните капацитети колку сме подготвени за имплементација на обврските и во кој рок сме подготвени целосно да се усогласиме со ЕУ односно со стандардите на ЕУ. Во тој процес на скринингот ги одговараме тие основни прашања и сметам дека можам да кажам дека сме навистина на завидно ниво на подготвеност. Тоа не значи дека сме спремни да влеземе утре но дека имаме на добра основа преговорите да ги завршиме во некој разумен рок од неколку години, посочи Маричиќ.
Според вицепремиерот македонскиот пат до ЕУ е специфичен, оптоварен со билатерални прашања, со долгогодишно чекање за почеток на преговори со ЕУ, укажувајќи дека сите без исклучок сметаат оти Северна Македонија заслужува да ги продолжи преговорите што започнаа минатата година и во најкус можен рок ги заврши и во првиот нареден бран на проширување на ЕУ да бидеме дел од тој пакет.
- Апсолутно е возможна мисија зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, но секако не е гарантирано. Треба да се одработи, треба да се исцрта патот и од ЕУ и од земјите од регионот. Потребни се секако оние неопходни реформи за коишто сите знаеме, потребно е да се стават под извесен вид на контрола, односно патека, билатералните спорови во регионот, бидејќи ги има повеќе и потребно е ЕУ од своја страна да овозможи и повеќе средства достапни на нас, но и јасен план за членство, рече Маричиќ за Радио Скопје.