Интервјуа
петок, 30 декември 2022 08:17
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, за бизнис магазинот „Капитал“ рече дека граѓаните сакаат сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност, а тоа според него е загарантирано токму со членството во ЕУ, кое ќе отвори нови можности и нови фондови.
„Граѓаните гледаат јасна перспектива во евроинтеграциите. Високата поддршка за ЕУ, НАТО и за Отворен Балкан е директен показател какви политики сакаат и бараат граѓаните. Сакаат мир, извесност, сигурност отворени граници, соработка, сакаат фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди“, вели вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека не постои друг пат подобар од европскиот, ниту некој ни понудил, ниту пак некоја од оние мали но опасни антиевропски структури во земјава презентирале друга опција подобра од оваа.
Маричиќ потсетува и на фактот дека Европската унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, па и кај нас во Северна Македонија. Од 2007 година до денес, преку ИПА програмата милијарда евра се вложени во државата и тоа се неповратни средства кои се вложени во инфраструктурата и во развојот. Сето тоа е вложување во значи подготвување за членство во Унијата, кое ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови кога ќе станеме членка на Унијата, смета вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.
За него е важно и значајно што во сите анкети сè уште е висок процентот на поддршка за членството во Унијата и покрај трнливиот пат кој го поминавме до отворањето на преговорите, и потенцира дека ова е моментот каде што ние можеме, да ги затвориме сите дилеми и да продолжиме понатаму со процесот на преговори со ЕУ.
- Овој пат нема да биде ниту Грција, ниту Франција со нова методологија, ниту пак Бугарија која ќе стави вето. Следното вето може да биде од ВМРО-ДПМНЕ, односно самите да се блокираме на европскиот пат, истакнува Маричиќ.
Вицепремиерот е сигурен дека доколку се завршат уставните измени, Северна Македонија има шанса многу побрзо да напредува во процесот на европска интеграција, и ќе се овозможи да се прават промените во пракса многу побргу.
За Маричиќ нема смисла одржување на Референдум ниту пак предвремени парламентарни избори. Како што вели за „Капитал“ не гледа поента да се отвораат овие прашања кога преговорите со ЕУ се започнати, а Владата добро менаџира со предизвиците предизвикани од војната во Украина.
-Во оваа наредна фаза на скрининг процес треба да се фокусираме е спроведување на реформската агенда, брзо напредување во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Билатералниот скрининг ќе донесе поголем поттик за реформи во земјата. Тоа е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока, вели Маричиќ.
На прашањето како власта планира да ги направи уставните измени кога опозицијата сè уште е цврста на ставот дека нема да ги гласа и бара предвремени избори, Маричиќ вели дека Владата и како мнозинство во Собранието работат на создавање поволна атмосфера, за да дојде до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени, коишто содржински за никого не се спорни.
- Тоа јавно го кажуваат, дури и оние партии кои сега се противат на Францускиот предлог, дека немаат против внесување на уште две, три или четири заедници во Уставот. Наместо предвремени избори, мислам дека е многу поважно и попаметно опозицијата да ги надмине партиските интереси, да вложи напори и да учествува и во уставните измени и во процесот на преговори, за на дело да покаже дека е за напредок на државата и за нејзина европска перспектива, порачува вицепремиерот.
Тој посочува дека нивна цел е успешен процес на уставни измени, брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Северна Македонија да биде членка на Унијата.
- Убеден дека ќе се најде начин и решение, со помош на меѓународната заедница преку нивна поддршка и присуство во земјава, но и со помош на граѓаните. На крајот одговорноста е и на секој пратеник, но и на сите политички партии кои се во Собранието. Нивна должност ќе биде да објаснат пред граѓаните зошто, после 17 години чекање, сега кога ги започнавме преговорите не сакаат да одиме понатаму во евроинтеграциите. Ќе биде навистина голем штета ако опозицијата ја стави државата во ќорсокак или ја врати во чекалната и да чекаме уште десет години, заклучи Маричиќ во интервјуто за „Капитал“.
Линк од интервјуто: http://bit.ly/3ju7Lk6