Интервјуа
петок, 28 октомври 2022 08:00
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во „Студио 10“ рече целта да се потпише Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, познат како Фронтекс, на македонски јазик е исполнета и дека успеале како влада бугарскиот став околу јазикот да не стане и став на ЕУ.
- Четири години не можевме да го потпишеме договорот Фронтекс, затоа што Бугарија изразуваше резерва за формулацијата – „македонски јазик“ и бараше формулација да гласи „македонски јазик согласно Уставот“. Ние таа формулација не ја прифативме како општа за ЕУ. Таа ја прифаќаме само како билатерална за со Бугарија и тоа сме го прифатиле уште 99 година, не денес, рече вицепремиерот Маричиќ.
Тој додаде дека оваа Влада успеала ставот за јазикот на Бугарија да не стане и европски став, односно ставот за јазикот согласно Уставот да биде само бугарски став и за билатерална употреба, додека пак за ЕУ во документите, конкретно Договорот од Фронтекс, чекавме момент да никој нема резерви за јазикот вклучувајќи ја и Бугарија за употребата на македонски јазик во Договорот Фронтекс.
- Таа цел ја исполнивме. Нашиот јазик е етаблиран и веќе во употреба во Европската Унија, а со нашето членство ќе стане еден од јазиците на ЕУ, како што кажа и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, рече Маричиќ додавајќи дека намерата им била да го зацврстат македонскиот јазик и идентитет во употребата на ЕУ, а не да го менуваат мислењето на бугарските политичари за ова прашање.
Во емисијата „Студио 10“ вицепремиерот за европски прашања Маричиќ се наврати на случувањата во Собранието, кога требаше да се гласа францускиот предлог, како и на насилните протести, велејќи дека мора јавноста да се потсети на прашањето за јазикот и идентитетот, кое е екстремно важно за сите, и за коешто ВМРО – ДПМНЕ се обидуваше да ја доведе јавноста во заблуда и да внесат немир кај граѓаните, бидејќи утре повторно може да се најдеме во таа ситуација, да ни тврдат од ВМРО – ДПМНЕ и од Левица како една кохезивна коалиција по ова прашање да ни тврдат дека повторно ние сме загрозени и дека повторно нашиот идентитет и нашиот јазик не се гарантирани.
На прашањето за дали има реакции од страна на државата за провокациите од бугарска страна и европратеникот Џамбаски, Маричиќ рече дека никогаш не молчеле и дека е испратена реакција до бугарската влада за говорите на Џамбаски, со кој вицепремиерот имал дискусија за време на одржувањето на Мешовитиот парламентарен комитет, во Европскиот Парламент.
- Јас имав и дискусија директно со него, меѓутоа треба секогаш да ја гледаме и целта. Која е нашата цел? Ако е нашата цел да се испочитува она што е договорено, ние да го зацврстиме нашиот идентитет, наместо да одговараме на секоја политичка провокација. Во Бугарија имаше 4 изборни циклуси за една и пол година, имаше доволно простор за отворање на оваа тема во предизборен контекст, рече Маричиќ.
На прашањето дали ќе присуствува партиска делегација на СДСМ на отворањето на клубот во Благоевград, Маричиќ изјави дека нема да оди ниту делегација на СДСМ, ниту пак владина, најавувајќи дека се работи на отворање на официјален Културен центар во Благоевград и дека на неговото отворање ќе присуствуваат сите.