Интервјуа
вторник, 20 септември 2022 03:32
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервјуто дадено за порталот „Локално“, изјави дека има во македонските тимови добро подготвени кадри и професионалци во своите области и дека главниот товар на пристапните проговори ќе го носи администрацијата.
- Во работните групи членуваат државни службеници од соодветните институции кои веќе долги години работат на овие процеси, имаат искуство и добро ја разбираат тематиката. Во структурата ќе бидат вклучени државни службеници особено оние со искуство во процесите, но и нови кадри, а секако се обезбеди и можност за ангажман на експерти и стручни лица надвор од институциите, бидејќи има многу поттеми за кои ќе биде потребна стручната јавност и нивниот придонес, рече вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
На прашањето кој од кластерите ќе биде предизвик за Северна Македонија и дали смета оти бугарските барања вметнати во кластерот и нагласени во Преговарачката рамка – како прашањата на дискриминација и говорот на омраза може да направат проблеми, вицепремиерот Маричиќ одговори дека Кластерите не содржат никакви бугарски барања и дека прашањето за дискриминација и говор на омраза, како земја која преговара со Унијата, не се однесува ексклузивно на односите со Бугарија.
- Кластерите се областите каде се преговара со Европската Унија и според кои се оценува напредокот на земјата во конкретна област. Кластерите се тие, веќе дефинирани, исти како и за другите земји кои преговараат. Ова прашање генерално имаме обврска да го регулираме како држава, преку јакнење на институционалните капацитети и законите, усогласени со европските стандарди. Свесни сме за важноста на ова прашање, се работи за европска демократска вредност и ако се сеќавате правевме и законски измени во делот на навреда и клевета, посочи Маричиќ.
Според главниот преговарач со Унијата, цел процес на преговори ќе биде вистински предизвик, бидејќи како што вели секој кластер си има своја тежина и своја посебност, додавајќи дека ние низ овие процеси и реформи ќе си ги подобриме и институциите, и законите, и праксите и применувајќи ги усогласените и проверени европски стандарди.
За изјавата на премиерот Ковачевски во која целта е до 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вицепремиерот Маричиќ потврди дека реално е да станеме членка на ЕУ со следното проширување, само ако посветено застанеме зад овој државнички проект.
- Значи зависи од нас и од нашата подготвеност да ги споведиме реформите. Затоа верувам дека со вака јасно поставена цел пред нас и политичка волја и со силен фокус на реформите можеме да одиме со добро темпо напред. Сметам дека 2030 како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе нè води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори и Северна Македонија стане полноправна членка на ЕУ, потенцира Маричиќ.
На прашањето за како ќе успее Владата да ги направи уставните измени и дали постои проевропско крило во ВМРО-ДПМНЕ кое ќе влијае на опозициските пратеници да гласаат за промена на Уставот, Маричиќ тврди дека познава членови на ВМРО-ДПМНЕ кои немаат никаква дилема по однос на стратешката ориентација на земјава и по однос на трасираниот европски пат.
- Тие се партија која е членка на Европската народна партија и од таму често добиваат укори и критики за тоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ често влијае штетно врз европската интеграција на земјава. Јас можам да кажам дека на македонскиот народ и на сите граѓани на Северна Македонија им се потребни одговорни, демократски и европски партии и во власта и во опозицијата кои заедно ја носат земјата напред, а не опозиција која за личен интерес сака да ја носи земјата во неизвесност, потенцираше вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ смета дека денес европскиот пат за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе.
- Како придобивка за нашата земја не постои ниту една друга опција која истото може да ни го обезбеди ни од далеку. Ние никогаш не сме ја раскинале соработката со Истокот, но тоа не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови, особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава, вели Маричиќ за „Локално“.