Интервјуа
понеделник, 01 август 2022 10:42
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното интервју во вестите на Телма изјави дека сме во добра кондиција и имаме позитивно ниво за да го почнеме и да го завршиме скринингот успешно, бидејќи сме на исто рамниште или во некои делови и подобри од оние земји кои десет години веќе преговараат.
Вицепремиерот Маричиќ објасни дека во Секретаријат за европски прашања секоја година се прави детална анализа на секој Извештај и дека прават таканаречена гап анализа, увид кои мерки се позитивно оценети, кои се оценети дека треба повеќе, која според последниот Извештај вели дека има околу 57 проценти од мерките коишто се оценети како позитивни, односно има реална усогласеност и 43 проценти, кои допрва треба да се усогласуваат.
Маричиќ најави дека следниот период ќе се фокусираат, паралелно преку Националната програма за приближување на законодавството, да се интензивира имплементирањето на законодавството на ЕУ и дека тоа е динамична работа, која зависи од капацитетот на институциите, но и од политичкиот притисок и политичката волја.
-Секако дека имаме многу уште за работа, и во делот на владеењето на правото и во делот на другите стандарди, но ова е еден процес којшто треба да заврши на тој начин што ние ќе функционираме комплетно како држава членка на ЕУ, истакна Маричиќ додавајќи дека за Владата најважно е во тие преговори постојано да одиме напред, тие да бидат неповратни, значи да не се враќаме назад, да немаме назадување по извесен број на години, бидејќи новата методологија на некој начин го казнува назадувањето и може да ве врати на почетокот.
На прашањето за кога ќе започнат уставните измени, кои се клучни за продолжување на преговорите со Унијата, вицепремиерот Маричиќ одговори дека времетраењето на скринингот, кој според него очекува да трае шестнаесет месеци, дава доволно простор да се отвори дијалог со политичките партии, и со пратениците за да видиме кога би било тоа најлогично и најсоодветно да се направи.
-Мислам дека треба да се отвори една суштинска дискусија којашто ќе нè одведе и во содржината на уставните измени, којашто мислам дека не е спорна, бидејќи треба да дополниме во Преамбулата и во уште еден Амандман, неколку заедници коишто не се спомнати во Уставот, за поддржување на нашите европски интеграции, посочи Маричиќ.
Според вицепремиерот сега сè е во наши раце, бидејќи како што вели не зависиме од која било друга држава, и смета дека ако мудро, умно и одговорно се постави секој пратеник и секоја политичка партија, процесот на уставни измени ќе може да се направи до крајот на скринингот.