Новости
понеделник, 22 април 2013 12:13
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска одржа средба со Амбасадорот на Република Косово во Република Македонија, Н.Е. Илбер Хиса.
За време на средбата се разменија мислења и се даде осврт на преземените мерки и активности од страна на Владата на Република Македонија во евроинтегративниот процес, посебно во делот на активностите од Пристапниот дијалог на високо ниво, како и во делот на унапредување на добрососедските односи.
Република Македонија во континуитет се залага за добрата соработка и континуираниот дијалог за голем број прашања од взаемен интерес со Република Косово при што се потпишани неколку билатерални документи како што се Договорот за потврдување на периодите на пензиско осигурување, Договорот за прекугранична соработка за 2011 година и Меморандумот за соработка во областа на културата.
Вицепремиерот Бесими го поздрави постигнатиот договор меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија при што подвлече дека овој договор ќе придонесе за унапредувањето на Евро-атлантската перспектива на сите земји од регионот. Воедно Бесими искажа надеж дека ваквиот пристап може да биде искористен како позитивен пример и за други земји во регионот при решавање на отворените билатерални прашања.
Соговорниците ја искажаа важноста за напредокот на двете земји во евроинтегративниот процес и со цел понатамошно унапредување на истиот изразија подготвеност за продлабочување на досегашната билатерална соработка и нејзино интензивирање преку размена на искуства во делот на евроинтеграциите. Притоа вицепремиерот Бесими искажа подготвеност досегашното искуство на институциите на РМ во овој процес да се пренесе и сподели со институциите на Косово.