Новости
петок, 19 ноември 2021 01:00
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Мадрид беше говорник на настанот „Идното проширување на ЕУ: изгледи и замки“. Дискусијата се фокусираше на придобивките од проширувањето како од аспект на регионот, така и од аспект на Европската Унија и земјите членки, како и важноста на трансформативната моќ во пристапниот процес за што предуслов е објективното вреднување на критериумите за членство.
Вицепремиерот Димитров истакна дека процесот на проширување всушност е процес на комплетирање на Европа и заокружување на проектот за обезбедување траен мир и просперитет на континентот.
Димитров: “Со проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, картата на Европа нема да се прошири, ќе остане иста, симболично кажано - единствено сегашната сива зона ќе стане сино-жолта. Затоа треба да зборуваме за комплетирање на обединувањето на Европа.”
Транскрипт и превод од излагањето на ЗПВ Димитров
Димитров посочи дека евроинтегративниот процес на Северна Македонија е прашање преку кое се преиспитува внатрешната кохезија на ЕУ и вредностите на кои се темели, како и влијанието на ЕУ во регионот:
„Низ нашиот трнлив пат, ја усовршивме трпеливоста бидејќи причината за одложување на почетокот на пристапните преговори не беше неисполнувањето на копенхашките критериуми, туку билатерален спор. Вложивме огромен политички капитал на основа на ветувањето од ЕУ, меѓутоа кога ветувањето не е исполнето, довербата станува проблем и ЕУ го губи своето влијание во овој стратешки важен регион. Јасно е дека земјите членки имаат влијание во процесот на пристапување и да ги наметнат своите национални интереси, но дали тоа значи дека можат да поставуваат и услови кои се косат со европските вредности? Главната замка во процесот на пристапување е да стане заложник на билатерални прашања. Најдобар и единствен начин земјите да растат заедно, да станат помудри и позрели во политичка смисла е токму преку европскиот проект.”
Во дискусијата учествуваа и шпанскиот претставник во Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) Хуан Гонзалез Барба, претседавачот на со ГАК Гашпер Довжан, министерката за европски прашања на Србија Јадранка Јоксимовиќ, како и високи претставници за надворешни и европски прашања од Албанија и Црна Гора. Шпанскиот претставник Барба нагласи дека отворањето на пристапни преговори со Северна Македонија е прашање од итен карактер бидејќи проширувањето на ЕУ подразбира јакнење на Европа и стратешката автономија. Словенечкиот претставник Довжан истакна дека трансформативната моќ може навистина да направи промена и поради тоа најголемиот ризик е стагнацијата на овој процес, поради што европското досие на Северна Македонија е приоритет за актуелното претседателство.
Посетата на Мадрид продолжува со билатерална средба на вицепремиерот Димитров со шпанскиот претставник во денешната дискусија и претставник во ГАК, Хуан Гонзалез Барба.