Новости
понеделник, 16 декември 2024 04:00
Денеска во Министерството за европски прашања беше одржана Конститутивна седница на работната група за воспоставување на модел за национален механизам за проверка (скрининг) на странските директни инвестиции, на која се обрати и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Министерот Муртезани беше овластен од Владата на Република Северна Македонија да ја формира Работната група, чиј предлог за составот на членовите беше усвоен на последната седница на Владата.
Работната група ја сочинуваат претседателот Драган Тилев, кој доаѓа од Министерството за европски прашања, заменик претседател, 13 членови и нивни заменици. Задача на Работната група е разработка и предлог на правно решение за воспоставување на функционален национален систем за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе биде компатибилен со националните системи за проверка на странските инвестиции на земјите членки на Европската Унија и во корелација со Регулативата на ЕУ за механизам за координација на скрининг на Странските директни инвестиции (СДИ 2019/452).
Во продолжение е интегралното обраќање на МЕП Муртезани:
Почитувани членови на работната група за воспоставување на модел за национален механизам за проверка на странските директни инвестиции, со што се обезбедува континуитет на досега сработеното, под координација на Министерството за европски прашања.
Воспоставувањето на национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции е особено важно за Северна Македонија, не само како потврда дека националните политики ги следат трендовите и политиките на нашите стратешки партнери ЕУ и САД, туку и како потврда дека државата Има капацитет да воспостави правна и институционална рамка за справување со потенцијалните ризици по безбедноста и јавниот ред и мир, поврзани со странските директни инвестиции.
Како земја која ги започна пристапните преговори во јули 2022 година, на билатералниот скрининг за Поглавјето 30 Надворешни односи (дел од Кластер 6) веќе презедовме обврска за дефинирање на национален систем и правно решение за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе се гради на инклузивен начин со сите засегнати страни и меѓународната заедница. Ова е нотирано и во Скрининг извештајот за Кластер 6, каде Комисијата нотира дека планира да донесе законодавство до крајот на 2025 и да има функционален систем во 20026 година.
Обврската е поврзана и со заложбите во рамките на Берлинскиот процес бидејќи на последниот Самит се донесе документ за регионални критериуми за воведување на национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции. И конечно механизмот за скрининг на странски директни инвестиции претставува интегрален дел од Стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД.
Регулативата на ЕУ е сложена и нејзината важност континуирано се зголемува во светот кој постојано се менува и поларизира. Странските инвестиции треба да се проверуваат за корозивен капитал – финансирање кое има политичко влијание наместо економски бенефит. Ваквиот капитал најчесто потекнува од авторитативни режими и ги искористува институционалните слабости за да влијае на економските, политичките и социјалните случувања во земјата.
Оттука, оваа Работна група пред себе има значајна задача, а тоа е разработка и предлог на законско решение за воспоставување на функционален национален систем за проверка на странските директни инвестиции, кој ќе биде компатибилен со националните системи за проверка на странските инвестиции на земјите членки на Европската Унија и во корелација со Регулативата на ЕУ за механизам за координација на скрининг на Странските директни инвестиции-СДИ 2019/452 (член 3 од Решението).
Сепак добро е што не се почнува од почеток, бидејќи во текот на 2022/2023 се направија сеопфатни проценки и анализи за воспоставување национална правна институционална рамка како основа за вашата работа, а предлогот е механизмот да има две нивоа – првото ниво е национален механизам за скрининг на СДИ, додека второто ниво е способноста на нашиот механизам за координација со сите членки на ЕУ и со Европската комисија.
Имплементацијата на оваа регулатива ќе значи дека Северна Македонија ќе се прилагоди на сите мерки и санкции на Заедничката надворешна и безбедносна
политика на Европската Унија, и како членка на НАТО, ќе ги следи санкциите наметнати од Комитетот на САД за странски инвестиции и од други партнери во НАТО, вклучително и Велика Британија, а тоа значи дека ќе го „затвориме“ нашиот територијален простор за штетен капитал. На долг рок ќе се обезбеди простор за креирање на здраво економско ткиво отпорно на влијанија во земјата, и обезбедување на здраво, безбедно и економски просперитетно општество. Економските оператори со чист капитал ќе се чувствуваат побезбедно, а нивната конкурентност ќе биде обезбедена и на национално ниво, но и на ниво на Европската Унија.
Со ова, сигурни сме дека чекориме кон стабилна и просперитетна иднина за Северна Македонија, во која безбедноста и јавниот ред и мир се загарантирани.
На крајот би посочил дека особено ја цениме поддршката која ја добиваме од нашите меѓународни партнери и организации, Амбасадата на САД (чии претставници се и надворешни членови на Работната Група) Центарот за меѓународни приватни претпријатија (CIPE) и Програмата за развој на трговското право (CLDP), како и соработката со домашната тинк тенк организација Институтот за демократија Социетас Цивилис.