Новости
четврток, 19 декември 2024 12:30
Заменик министерката за европски прашања, доц.д-р Викторија Трајков, присуствуваше на работилницата „Презентација на нацрт-упатствата со методологијата за вклучување на антикорупцијата во поглавја/кластери,“ која се одржа денеска во Владата.
„Преку вакви иницијативи, ја докажуваме нашата цврста посветеност на транспарентноста, отчетноста и владеењето на правото како темелни европски вредности. Антикорупциските мерки не се само обврска во процесот на преговори со Европската Унија, туку и суштинска потреба за подобрување на животот на граѓаните и за враќање на довербата во институциите,“ изјави Трајков.
На работилницата беа презентирани нацрт-насоките кои ќе послужат како основа за идната работа на институциите, со посебен акцент на прекуграничната соработка и усогласување со европските стандарди. Присутните дискутираа за предизвиците и можностите за примена на предложената методологија, како и за значењето на континуираната поддршка од меѓународните партнери.
На настанот беа присутни претставници од јавниот сектор, граѓанското општество, меѓународни организации и експерти, кои ја потенцираа важноста на борбата против корупцијата како темелна основа за успешен пристапен процес кон Европската Унија.
Заменик министерката Трајков изрази благодарност до сите учесници за нивниот придонес и истакна дека Владата останува посветена на воспоставување интегриран и сеопфатен систем за борба против корупцијата, кој ќе го унапреди демократското функционирање на институциите и ќе го забрза европскиот пат на државата.